На Сардинија ѝ е смачено да ѝ ги крадат плажите

Во случајот на Сардинија – италијанскиот остров во Средоземното море, крадењето на природни ресурси добива сосема нова димензија – буквална. Островот е познат по прекрасните плажи, а туристите на плажите – по тоа што го крадат песокот. Сега Сардинија ќе го враќа ударот.

Според новиот закон, кој влезе на сила од 1 август, четворица туристи беа казнети со по 1.000 евра при обидот да понесат песок, камчиња и школки за дома, за сувенири. „Уловени“ се на рентгенот на аеродромот Елмас во главниот град на островот – Каламари.

1.000 евра звучи како огромна казна за крадење на грст песок, ама островот си го има проблемот со години. Доволно зборува тоа што во 1994 година беше забранет пристап до познатата розева плажа на островот Будели (на североисточниот дел на Сардинија), примарно од страв за опстанокот на плажата.

Сепак, проблемот најдобро се гледа од фактичките бројки. Во 2015-та, само во текот на трите летни месеци, на аеродромот Елмас се фатени цели 5 тона песок! Песок е запленет и на другите аеродроми на островот, како Алџеро и Олбија.

На Фејсбук дури постои и страница со наслов „Сардинија – ограбена и пљачкосана“, каде корисниците споделуваат слики од пластични шишиња и најлонски кеси полни со „плажни сувенири“, пред сé песок и школки. Страницата инсистира дека крадењето на песок е криминал, и се обидува да врши притисок врз локалните власти и политичари поактивно да реагираат на, како што ја оценуваат, „вонредната еколошка состојба“.

Новиот закон делумно ќе ги задоволи нивните барања. Со него се предвидени парични казни во износ од 500 до 3.000 евра (!) „за секој што ќе земе, ќе задржи или ќе продава мали количини (песок) без дозвола“.

Песокот на розевата плажа на Будели.

Јасно е, тешка е борбата на Сардинија за да си го зачува песокот. Но луѓето прават што можат. Цариниците, на пример, со посебен фокус го следат украдениот кварцен песок од плажите во Мари Ерми, Ис Арутас и Маимони, белиот песок од Кала Луна, и жолтиот песок од Пишинас.

Локалните медиуми, од своја страна, редовно објавуваат снимки и ги критикуваат туристите што ќе бидат фатени/снимени да крадат песок. На пример, La Nuova Sardegna објави видео на пар опишан како „веројатно странци“, кои полнат песок на плажа во Арутас, „веројатно како сувенир од прекрасната Сардинија“.

Активистите исто така се трудат да помогнат, па ловат продавачи на песок од Сардинија по eBay и другите интернет платформи за продажба.

„Понесувањето на мало шише со песок може да не изгледа како сериозен престап, но кога милиони туристи го прават тоа, секоја година исчезнуваат тони и тони песок“, истакнува Шумската служба на островот, нагласувајќи дека „овие плажи се формирани во текот на милиони години“.

За крај, повелете уште едно, полу-поврзано видео, за и вас да ви се присака да крадете песок од Сардинија.

- Реклама -