Граѓаните кои протестираа прво пред Владата, а потоа и пред Јавното обвинителство бараа одговорност и оставка од тројцата последни министри за здравство, во врска со случајот на Клиниката за онкологија.
Учесниците во протестот го изразија нивниот револт со фрлање на јајца кон ЈО и извикуваа „убијци”, „мафија”, „оставка”, „нема правда, нема мир”, како и „правда за жртвите”.
Тие повикаа на поддршка од сите граѓани без разлика на етничка припаднист или партиска определеност. Најавија дека повторно ќе има протести следниот понеделник во исто време и на исто место.
За време на протестот граѓани раскажаа за нивните лични искуства, за луѓе кои изгубиле некој близок, ги споделуваа своите приказни пред присутните.
На протестот имаше и едноминутен молк за починатите пациенти на Онкологија.
Во петокот беше отворена предистрага за случувањата на Клиниката за онкологија, а се вршеа претреси во здравствената установа, како и во два приватни стана во Скопје. Беа одземени документи и компјутери.
МИА