На полна месечина има повеќе големи земјотреси

poln-mesec-nad-skopje-5[1]

Научниците одамна спорат дали месечината и приливните сили (плимата и осеката) играат улога во предизвикување на земјотреси. Сега изгледа дека се поблиску до одговорот, пишува Science Alert.

Новото истражување на научниците од Јапонија покажува дека големите земјотреси е поверојатно да се случат во моменти кога има полна месечина или млада месечина – двете фази на Месечината во кои плимата на Земјата е најголема. 

Научниците од Универзитетот во Токио анализирале три сеизмички бази на податоци – глобални податоци, како и локални за Калифорнија и Јапонија. Ги разгледувале големите земјотреси (со магнитуда од 5.5 степени или повеќе), кои се случиле во последните две децении.

Фокусирајќи се на двете недели пред земјотресите, тимот го реконструирал размерот т.е. амплитудата на приливните напрегања пред секој од анализираните земјотреси, и открил дека најголемите земјотреси се случиле во денови со полна месечина или млада месечина.

Во овие две точки на лунарниот циклус, Сонцето, Месечината и Земјата се израмнуваат, а гравитационата привлечна сила на Месечината е најсилна.

Научниците долго претпоставуваа дека тоа може да има влијание врз земјотресите – заради посилната од обично привлечна сила која се манифестира и влијае на пукнатините во земјата. Резултатите од Токио потврдуваат дека тоа најверојатно е така. 

Некои од најсилните земјотреси во последниве 20 години – вклучувајќи ги тој на Суматра во Индонезија во 2004 година (9.3 степени), во Чиле во 2010 година (8.8 степени) и во Тохокуока во Јапонија во 2011 година (9.0) степени – се совпаѓаат со високите приливни напрегања.

Интересно е што тимот не открива јасна поврзаност помеѓу малите земјотреси и плимата, иако податоците покажуваат дека кога има високи приливни напрегања, соодносот на поголемите земјотреси е поголем за сметка на помалите. 

tide-earthquakes-20160912

Сепак, кога станува збор за земјотресите, на Месечината не треба да ѝ припишуваме преголемо значење, барем засега, бидејќи досегашните истражувања утврдуваат само корелација, а не и причинско-последична врска.

Главните причини за земјотресите сепак остануваат процесите кои се одвиваат длабоко во Земјината кора, при што тектонските плочи се збиваат и се тријат една од друга. Плимата можеби го стимулира процесот, но со не повеќе од 1% дополнително тектонско напрегање, истакнуваат научниците, макар што колку и да е мало, тоа влијание може да се покаже како „камчето што ќе ја стркала карпата“, т.е. да го претвори малиот земјотрес во разурнувачки мегаземјотрес.

- Реклама -