На југот на Европа беснеат пожари по неколку недели интензивни горештини

Во Бугарија пожарникарите мораа да престанат со гаснењето на пожарот на планината Славјанка во близина на грчката граница, откако почнаа да експлодираат мини останати од Студената војна

Повеќе од 200 пожарникари, поддржани од хеликоптери и авиони, успеаја да го локализираат пожарот на Евија, вториот по големина остров во Грција, откако властите наредија евакуација на две села

Шумски пожари разгорени од силните ветрови беснеат во Јужна Европа, а зафатени се шуми и куќи. Едно албанско одморалиште морало да биде евакуирано, соопштија локалните власти, објави хрт.хр.

Изминатиов месец во земјите од Јужна Европа беа забележани натпросечни температури, а времето беше суво. Тоа создаде идеални услови за шумски пожари, велат научниците.

Пожарот кај Шенѓин / фото: принтскрин

Пожар ја зафатил боровата шума околу хотелскиот комплекс во албанскиот приморски град Шенѓин и била извршена евакуација.

„Ситуацијата е сѐ уште многу проблематична и покрај целосната посветеност на национално ниво“,

соопшти албанското Министерство за одбрана.

Во Северна Македонија пожарите ја зедоа првата жртва во кумановско. Денеска гори на 30 локации, а 15 пожари се активни. Гори во близина на Свети Николе, Дојран, Пехчево, Куманово и други места, а зафатени се околу 40 куќи.

„Апелирам сите лица коишто ќе се затекнат во села кон кои се ближи оган, а каде не е организирана одбрана на селото од локалните власти, итно да се евакуираат на безбедно место, да не чекаат до последен момент и да не се изложуваат на непотребен ризик по нивниот живот и здравје. Нови куќи ќе се направат, но животот на луѓето не може да се врати“,   

изјави Стојанче Ангелов од Центарот за управување со кризи.

Пожарот кај Пехчево / фото: ЦУК

Во Бугарија пожарникарите мораа да престанат со гаснењето на пожарот на планината Славјанка во близина на грчката граница, откако почнаа да експлодираат мини останати од Студената војна, објави локалниот медиум Нова ТВ.

Во Скрадин, град во Хрватска, каде што денеска избувна пожар, ситуацијата е многу сериозна. Пожарот им се заканува на куќите, пожарникарите и жителите вложуваат натчовечки напори да ги одбранат. Мештаните се вознемирени и исплашени, јавуваат локалните медиуми.

Во меѓувреме, повеќе од 200 пожарникари, поддржани од хеликоптери и авиони, успеаја да го локализираат пожарот на Евија, вториот по големина остров во Грција, откако властите наредија евакуација на две села, соопшти противпожарната служба.

Пожарот на Евија / фото: принтскрин

Премиерот Киријакос Мицотакис рече дека Грција се соочува со „многу тешко лето“ во однос на климатските услови.

„Ни претстои уште многу тежок месец август и очигледно мораме да бидеме во состојба на готовност“,

рече тој на владина седница.

Шумските пожари во Грција зачестија во последниве години за време на сè пожешките и суви лета кои научниците ги поврзуваат со климатските промени. Минатата година, според податоците на противпожарната служба, избувнале повеќе од 8 000 пожари. Стотици пожари горат низ целата земја од мај, а Грција го забележа најтоплиот јуни досега и најдолгиот топлотен бран.

- Реклама -