Честа да ја изведува химната на овогодинешното чествување на Илинден на 2. август на Мечкин Камен во Крушево, ќе ја има македонскиот оперски пејач Влатко Груевски.
Во разговор со порталот „Expres.mk“, тој уверува дека нема простор за загриженост дека повторно ќе бидат заборавени стиховите од „Денес над Македонија“ во кои се спомнуваат Делчев, Гули, Груев и Сандански. Или со други зборови, како што пишува порталот, Груевски уверува дека „ништо нема да го спречи да ја испее целата официјална химна“.
Груевски химната ќе ја изведува на свеченото отварање на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ на 1. август на Гумење, а потоа и на централната прослава на празникот „Илинден“ ден подоцна на Мечкин Камен. Потоа, на 5. август, ќе одржи и свој солистички концерт во рамките на истата манифестација, но воедно и во рамки на концертната сезона „The Art of Power“. Концертот, насловен „Во чест на Тоше Проески“, ќе се одржи на летната сцена на музејот на НОБ во Крушево, со почеток во 20 часот.
На централната прослава на Илинден на Мечкин Камен, обраќање ќе има премиерот Зоран Заев. Претседателот на Собранието – Талат Џафери ќе се обрати во Пелинце, а претседателот Стево Пендаровски ќе има обраќање во Скопје, каде на плоштадот „Македонија“ ќе оддаде почит пред споменикот на првиот претседател на независна Македонија – Методија Андонов Ченто.