На директорот на МРТ му се закануваат 5 години затвор

Според кривичната пријава која во неделата му ја поднесе МВР за злоупотреба на службената положба и овластување, на директорот на МРТ – Марјан Цветковски, му се закануваат најмалку пет години затвор.

Цветковски и уште едно лице се сомничат дека во 2016-та сториле кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, т.е. дека од позиција на директор на МРТ Цветковски склучил тендер кој го оштетил буџетот на телевизијата. Иако од Комисијата за јавни набавки го известила дека по спроведената електронска аукција била постигната нова пониска цена, тендерот сепак бил склучен на повисока цена; наместо на сума од 1.051.650 денари (без ДДВ), бил договорен на 2.100.000 денари.

 

Пријавата против Цветковски е поднесена од Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје, а таа веќе се наоѓа во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

По кривичната пријава Цветковски се огласи во јавноста, истакнувајќи дека е изненаден бидејќи секогаш работел законски.

„Со доза на изненаденост ја добив информацијата пласирана во недела наутро дека против мене е поднесена кривична пријава, и веднаш сакам да истакнам дека немам никаква кривична вина, ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени, и смирено и подготвен со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТВ се работело и ќе се работи согласно законот“ – тврди Цветковски, а пренесува Фокус.

- Реклама -