На „Богородица“ и „Табановце“ денеска за влез и излез се чека по 40 минути, од утре се очекува поголем метеж

Ако се погледнат камерите на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта, може да се види каква е состојбата на граничните премини за излез од земјата, како и за колку време возилата ги поминуваат граничните премини од македонска страна

ФОТО: Принтскрин од видео-камери на ГП „Богородица“

Четири колони возила утринава чекаат за влез во Грција преку граничниот премин „Богородица“. Според информациите од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), за влез и излез од земјава на овој граничен премин се чека по околу 40 минути. Слична е ситуацијата и на граничниот премин „Табановце“  каде што и таму времето на чекање за влез и излез од земјава е по 40 минути.

Ако се погледнат камерите на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта, може да се види каква е состојбата на граничните премини за излез од земјата, како и за колку време возилата ги поминуваат граничните премини од македонска страна.

Според камерите, најголем е метежот за излез од земјава на граничниот премин „Богородица“, додека на другите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Па, така на „Меџитлија“ и „Дојран“ поминувањето кон Грција е многу побрзо.

За од утре, според информациите, поради летните одмори, се очекува зголемен интензитет на сообраќај на граничните премини, но и на патарините.

Од АМСМ за денеска велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози и оти тој е зголемен надвор од градските средини. 

Оттаму потсетуваат дека од 1 јули до 31 август на државните патишта во земјава воведен е летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Термините кога важи забраната се во петок од 17 до 22 часот, сабота од 09 до 18 и недела од 09 до 22 часот.

На патот Скопје-Охрид-Скопје, за време на викендите, се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони.

- Реклама -