Денеска, на 67-годишна возраст, почина балканската музичка легенда чии стихови ќе останат врежани во срцата на неколку генерации – Ѓорѓе Балашевиќ.
Балашевиќ пред три дена беше примен, со пневмонија, на Инфективната клиника „Војводина“ во Нови Сад. Според информациите во српските медуми, имал Ковид-19 и бил во лоша состојба. Откако состојбата не му се подобрила, денеска дошло до дополнително влошување поради хроничните заболувања. Речиси 2.5 часовната борба на докторите била залудна, па неговиот живот згасна на три месеци пред да наполни 68 години, на 11 мај.
Претходно, во ноември 2019-та, Балашевиќ доживеа инфаркт, по што му беа вградени неколку стентови. На првиот концерт по операцијата, во Осијек, незаменливиот Балашевиќ се шегуваше: „Веќе не сум стенд-ап комичар. Ми вградија четири cтента, сега сум стент-ап комичар“ (повеќе ТУКА).
За музичкиот и хуманиот опус на „Панонскиот морнар“ може до бескрај да се пишува, но „Авалон продукција“, во својот последен поздрав што го упати преку Фејсбук, мошне прецизно го сумираше:
„Ѓоле не може да умре. Тој само одмара. Додека неговите песни лечат душа. Толку.“ – напишаа тие.
Токму во организација на „Авалон продукција“, Балашевиќ го одржа и својот последен концерт во Скопје, во 2018 година. Меѓутоа, како што открива градоначалникот Петре Шилегов, доколку пејачот не нѐ напуштеше, наскоро ќе ја имавме таа чест уште еднаш, и тоа на отворањето на Универзалната сала:
„Денес губам дел од својата душа. Денес губам дел од себе. Нашата задња слика друже. На твоето последно доаѓање во Скопје. А договаравме да ја отвориш Универзална… Хеј Лега…“, напиша Шилегов во емотивниот поздрав на Фејсбук.