Екипата на МЗТ Скопје вечерва со почеток во 20.30 часот ќе ги одмери силите со Олимпија, во обид да се прекине серијата слаби резултати во АБА-лигата.
Одличниот старт со две победи веќе е заборавен, а четирите порази во низа придонесоа да дојде до коренити промени во таборот на македонскиот шампион. По тренерот Александар Тодоров, клубот го напушти и претседателот Сашо Босилков, но прашање е дали тоа воопшто може да ги разбуди „Металците“ со оглед на тешкиот распоред што ги очекува, дуелите со Унион Олимпија, Цедевита и Игокеа.
Новиот тренер Алеш Пипан имаше нешто повеќе време за да ги запознае квалитетите на својот тим, во изминатите денови работеше на отстранување на грешките од претходните средби, но е реален во согледувањето дека МЗТ ја има улогата на аутсајдер на оваа средба.
„Патуваме на тешко гостување, меч во кој што домаќинот Олимпија е апсолутен фаворит. Ние во изминатиот период работевме напорно, се подготвувавме за овој дуел, останува да се види што сме сработиле и дали тоа ќе биде доволно за да се оствари добар резултат“ изјави Пипан во пресрет на вечерашниот натпревар.
Кејд Дејвис е една од ретките светли точки во тимот на МЗТ Скопје сезонава, па Американецот се надева дека токму против Олимпија македонскиот шампион ќе заигра многу подобро.
„Очекувам да играме цврсто и агресивно. Во изминатиот период се фокусиравме на работи што треба да ги подобриме за мечот во Љубљана. Сакаме да ги намалиме нашите грешки и да играме со полна самодоверба“ истакна најдобриот стрелец на „Металците“ по првите шест средби од АБА лигата.