Полициската станица Центар го расчисти случајот и ќе поднесе соодветна пријава против 25-годишниот Х.К. од село Јурумлери, скопско, кој се „прослави“ со видеото на социјалната мрежа „Тик Ток“, каде се гледа дека лажно пријавува и се шегува со диспечерите на Итната медицинска помош, информираат од МВР.
„По објавувањето на видеото на апликацијата Тик Ток и други социјални мрежи, беа преземени мерки и беше констатирано дека Х.К. е лицето кое се јавува во службата за Итна медицинска помош Скопје, со што постапил спротивно на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, поточно член 16 бидејќи лажно повикувал на помош и пријавувал настан.
На 15.09.2020 во 16.30 часот во просториите на Полициската станица Центар со лицето бил извршен разговор, при што тој појаснил дека на 13.09.2020 околу 02.00 часот, додека бил во парк во општина Аеродром и правел видео се јавил во Итната медицинска помош и го сторил делото“, велат од МВР.
На 25-годишниот Х.К. не му помогна ниту тоа што лично ѝ се извини на началничката д-р Трифуновска, а и на јавноста, а не му помогна ниту пораката што ја испрати до сите други „млади“ како него – дека, откако го прошетале низ Итната помош и го запознале со работата на оваа служба и телефоните кои непрестајно ѕвонат од луѓе на кои, сфатил дека играњето со Брзата помош има сериозни последици.