МВР постапува во врска со пукањето на прославата на „Вреди“ по победата во тетовско Ларце

Прославата на „Вреди“ во Ларце беше проследена со огномет и истрели од пиштоли и автоматско оружје, а уследи откако по прегласувањето коалицијата доби еден пратеник плус за сметка на коалицијата „Европски фронт“. Во еуфоријата, како што забележа и камерата на „360 степени“, пукна и првата „пушка“, а охрабрени од неа, следуваа уште неколку рафали, иако меѓу присутните имаше голем број деца

Министерството за внатрешни работи постапува по пријава во врска со пукањето од огнено оружје на прославата на коалицијата „Вреди“ во тетовско Ларце, по прегласувањето на парламентарните избори од пред два дена.

Пукање за време на прославата на коалицијата „Вреди“ во тетовско Ларце вечерта на 22 мај / Фото: „360 степени“

Од МВР за „360 степени“ информираат дека пријавата за пукањето на прославата во Ларце била поднесена вчера, еден ден по славјето, во Полициското одделение Групчин.

„На 23.05.2024 во Полициско одделение Групчин е пријавено дека по завршување на изборниот процес при прегласувањето во тетовско Ларце на 22.05.2024, при прославата било пукано со огнено оружје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,

информираат од МВР за „360 степени“.

Екипа на „360 степени“ пред два дена одблизу ја следеше прославата на коалицијата „Вреди“ во тетовското село Ларце откако дента таму се прегласуваше на парламентарните избори. Прославата на „Вреди“ беше проследена со огномет и истрели од пиштоли и автоматско оружје, а уследи откако на повторените избори во шестата изборна единица, коалицијата доби еден пратеник плус за сметка на коалицијата „Европски фронт“.

Во еуфоријата, како што забележа и камерата на „360 степени“, пукна и првата „пушка“, а охрабрени од неа, следуваа уште неколку рафали, иако меѓу присутните имаше голем број деца.

Прегласувањето на парламентарните избори во изборната единица 6 ја намали разликата на освоени мандати на двете коалиции кои ги претставуваат Албанците во државата. Коалицијата „Вреди“ сега ќе има 14 претставници во парламентот, односно еден повеќе од освоените 13 мандати на изборите на 8 мај, а коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ падна од 19 на 18 пратенички места.

- Реклама -