На 26.02.2021 (петок), со почеток во 13 часот, ќе се одржи најавен јавен протест кој што ќе започне во парк Чаир на бул. „Христијан Тодоровски Карпош“, а ќе продолжи кон Основен суд Скопје 1 на бул. „Гоце Делчев“, Собрание на Република Северна Македонија на ул. „11-ти Октомври“ и Влада на Република Северна Македонија на бул. „Илинден“. Поради тоа, затворени за сообраќај, од 13 часот до завршување на протестот, ќе бидат неколку улици во Скопје, информира МВР.
Имено, затворени ќе бидат ул. „Х.Т.Карпош“, ул. „Џон Кенеди“, ул. „Цветан Димов“, бул. „Крсте Мисирков“, бул. „Гоце Делчев“, ул. „11-ти Октомври“, ул. „Васил Главинов“, бул. „ВМРО“, бул. „Илинден“ и други околни сообраќајници.
Од СВР Скопје апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Протестот, како што веќе беше информирана јавноста, го организираат роднините на осудените во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро, според кои изречените затворски казни, од кои три доживотни, се резултат на монтиран политички процес против невини Албанци.