МВР: Лицето кое го постави албанското знаме на Голем Кораб не е државјанин на С Македонија

Од МВР велат дека јавноста ќе биде соодветно известена по преземените дополнителни мерки за расчистување на овој случај

Министерството за внатрешни работи (МВР) презема мерки за расчистување на случајот со симнувањето на македонското знаме од врвот Голем Кораб и негово заменување со албанското.

Од МВР велат дека по преземени мерки од страна на Одделот за компјутерски криминал утврдено е дека се работи за лице кое не е државјанин на Северна Македонија.

Оттаму додаваат дека јавноста ќе биде соодветно известена по преземените дополнителни мерки за расчистување на овој случај.

„Во врска со видеото објавено на социјалните мрежи каде од страна на едно лице на Кораб е симнато македонското знаме и е поставено знаме на Република Албанија, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по преземени мерки од страна на Одделот за компјутерски криминал утврдено е дека се работи за лице кое не е државјанин на РСМ. Се преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена“,

се вели во соопштението од МВР испратено попладнево.

На социјалната мрежа Фејсбук од пред два дена е објавено видео на кое се гледа како едно лице го закачува албанското знаме на јарбол поставен на врвот Голем Кораб и потоа го отстранува македонското знаме кое се вее на планината.

Видеото е објавено од Изет Шулку, на чиј профил пишува дека живее во албанскиот град Пешкопија. На него се гледаат уште две други лица како стојат покрај триаголниот јарбол додека Шулку ги заменува знамињата.

„Македонското знаме не припаѓа на албанските територии, тука само албанското знаме“,

се вели во описот на видеото.

На крајот од видеото се слуша како тој силно извикува Албанија.

- Реклама -