Муслиманските челници од Нов Зеланд денеска ги пренесоа пораките со љубов и сочувство во знак на поддршка што нивната заедница ги примила по крвавиот напад во двете џамии во кои беа убиени педесетина и ранети десетици луѓе.
Мустафа Фарук, претседател на Сојузот на исламски асоцијации на Нов Зеланд, вели дека заедницата е во шок и бескрајна тага, но дека цврсто се држи:
„Знаеме дека живееме во земја во која сме добредојдени, каде нè сакаат. Една од најубавите и најмирните земји на светот“, рече тој на прес-конференцијата во Крајстчрч, каде што во петокот се случи нападот.
Фарук порача дека обидите на оние кои сакаат да ја разгорат омразата се целосно неуспешни. „Сè што постигнаа е што ја зголемија љубовта и чувствата кои ги имаме кон својата земја“, порача тој.
Дел од семејствата изразија незадоволство од тоа што телата на речиси сите жртви се задржани додека властите не ја завршат истрагата. Според исламските обичаи, вообичаено е телото да биде погребано во рамките на 24 часа.
Во текот на викендот и во понеделникот на бдеење се собраа десетици илјади луѓе. Интернет страната за поддршка на жртвите веќе има повеќе од 5.5 милиони потписници (Нов Зеланд има население од 4.8 милиони).
Во меѓувреме, напаѓачот Брентон Тарант (28) е во затвор и го очекува судење, кое започна веќе во саботата.