Реал Мадрид има два разочарувачки резултати во серија, реми со Манчестер Сити во Лигата на шампионите, а потоа и пораз од Бетис во Примера, но тоа не го „притиска“ Жозе Мурињо.
Иако е свесен дека неговиот тим не игра како минатата сезона, тој сепак вели дека не чувствува притисок од раководството и дека засега е сигурен на клупата на „Кралскиот клуб“.
„Овде сум и го работам она што го знам, како и во последните десетина години. Немам никакви проблеми со управата на клубот, сѐ е во најдобар ред. Всушност, мислам дека имам многу, многу, многу добар, апсолутно одличен однос со раководството со претседателот на клубот и со извршниот директор. Можеби клубот не е најзадоволен со резултатите на тимот што го предводам, но има уште многу време до крајот на сезоната“, изјави Жозе Мурињо.
Португалецот најави дека на вечерашниот натпревар од Кралскиот куп против Алкојано ќе им даде можност за настап на тројца млади фудбалери.