Менаџерот на Реал Мадрид, Португалецот Жозе Мурињо, ќе го следи во живо на „Максимир“ квалификацискиот меч меѓу Хрватска и Македонија вo петок.
„Единствениот“, како што побара да го нарекуваат медиумите, ја прифатил поканата на Хрватската фудбалска федерација (ХНС) да биде специјален гостин во Загреб и да го следи дуелот на кој ќе настапи и Лука Модриќ, новото засилување на „Кралевите“.
Оваа вест за хрватскиот „Спортске новости“ ја потврди извршниот претседател на ХНС, Дамир Врбановиќ.
„Од сите натпревари кои се играат во петок Мурињо го одбра нашиот, што е голем комплимент за Лука Модриќ кого ќе дојде да го гледа во живо. Мурињо има распект кон она што ние го работиме во фудбалот“, изјави Врбановиќ за хрватскиот медиум.
Појавувањето на Жозе Мурињо на „Максимир“ треба да биде дополнителен мотив и за македонската репрезентација. Тој секако со внимание ќе ја следи играта и на Горан Пандев, на кого му беше тренер во Интер и заедно ја освоија Лигата на шампионите.
Мурињо ќе биде сместен во ВИП ложата на стадионот, каде уште се очекува да бидат присутни и претседателот на ХНС, Давор Шукер, како и новиот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.