Последниот од серијата на четири мурали, проект со кој и официјално се отвори најновото, 19-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во организација на здружението Факултет на работи што не се учат – ФРУ од Скопје, е заокружен со муралот на зграда бр. 37 на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, спроти студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу во Скопје, каде е насликан мурал со цитат од Бертхолт Брехт на кој пишува: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови кои ги ослободуваат сите!“.
-Првичниот мурал кој се реализираше во март, на зградата која се наоѓа на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје е со порака за солидарноста на заедницата и тој побуди позитивни чувства и кај соседните згради и резултираше со изработка на уште еден мурал, како еден вид завршно заокружување на целиот проект и подарок кон станарите. Некако баш Брехт го чувавме за крај затоа што ни се допаѓаше овој цитат многу. Земавме мотиви од деца кои што се некаква симболика на таа слобода, бидејќи тие се уствари најслободни во изразување, во размислување и во однесување. И некако ни беше интересен тој момент дека не е доволно само ти како индивидуалец да бидеш слободен, туку поентата е некако да овозможиш услови и сте да бидат слободни, бидејќи таа слобода може да овозможи да се ослободиме од многу видови и форми на рестрикции и репресија- вели уметницата Ивана Самандова.
Серијата мурали кои таа ги изработи последниве два месеци се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода, со надеж дека долго време ќе останат визуелен потсетник за неопходноста на борбата за да се дојде до истите – со силата на заедништвото.
-Искуството со целиот овој процес ми беше најубав уствари со случајните минувачи, луѓе кои што ги запознав низ текот на целиот прцес и проект. Нивните реакции колку се среќни и во Кичево и тука во Скопје и во Прилеп. Многу беа среќни затоа што им даваш некаков визуелен и убав подарок на самиот град. Го красиш на некој начин и тоа се во соработка со колеги од други градови и од Скопје- вели Ивана, која верува во тој момент на случајна прошетка, „знаете она кога поминуваш низ гради ќе прочиташ нешто што ти прави смисла и ќе побуди нешто во тебе.“
Муралите како еден визуелен идентитет на градот се многу важни бидејќи се создава една слобода на изразување, пред се затоа што се поставени во јавен простор и преку нив се пренесува порака со визуелен приказ.
-Битно е што почесто да има вакви естетски цртежи или илустрации и мурали кои што пренесуваат еден вид на порака или сензибилитетност на одреден кварт во градот. Убаво е да се гради тој вид на комуникација, јавен простор, граѓани, заедници, бидејќи живееме во едно време каде што уметноста треба да биде што почесто стимулирана и прикажана надвор од галериите. Затоа сме денес тука да создаваме и оддаваме почит наи вакви мурали – вели Доротеј Нешковски, уметник кој учествуваше во изработка на муралите.
За него е предизвик да се излезе од рамките на постоечката хартија и да се влезе во еден друг вид на материјал и медиум на изразување. За секој автор, вели Доротеј е убаво и значајно да создаде некој мурал кој ќе биде препознатлив за него, бидејќи живеее во тој амбиент.
-За мене е важно да создавам мурали затоа што сакам да го разубавувам градот или естетски да влијаам врз околината. Скопје веќе почнува да го гради тој јавен дискурс или јавна уметност, не само преку мурали туку преку разни видови на изразување за изложбени простории и завземање на простори во новите градски позиции. Мислам дека треба да откриваме нови места во градот за да ги раздвижиме луѓето надвор од галериите и да презентираме еден вид на уметност поблиска до самите граѓани – објаснува Доротеј.
Четирите досегашни мурали, имаат стриктен визуелен и тематски фокус на заедништвото во општеството, меѓутоа секоја реализација третира одредени аспекти на темата заедница. Со последниот од серијата мурали, фокусот на уметниците е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување.
Изработката на мурали во јавен простор станува обележје на фестивалот Акто и ФРУ кои во 2020 година изработија неколку големи мурали во повеќе градови од земјата, пренесувајќи пораки на солидарност и заедништво.