На Сицилија, постои многу морничава мумија на девојче што починало во 1920-тата. Верувале или не, од време на време, мумијата ги подотвара очите. Или барем така делува. Италијанските научници велат дека има перфектно разумно објаснување за феноменот.
Необичното однесување на мумијата беше предмет на многу шпекулации во последниве години, а неделава, италијанските весници уште еднаш известија дека Розалија Ломбардо, 2-годишното девојче што починало од пневмонија, ги поместува очните капаци неколку пати во денот, отварајќи ги сосема малку, доволно за под нив да се забележат прекрасни сини очи.
Сепак, според научниците, целата збрка околу „заспаната убавица“ – како што ја нарекуваат мумијата, се должи на оптичка илузија што се создава од светлината што продира низ страничните прозори на музејот во Палермо, а која варира во текот на денот – објаснува Пиомбино Маскали, куратор на Капучинските катакомби. „Навистина, нејзините очи не се целосно затворени, и никогаш не биле“, вели тој.
Инаку, токму Маскали е антропологот што ја обелодени тајната на Розалиа во 2009-тата, кога успеа да ја пронајде мистериозната формула користена за презервација на нејзиното тело. За да ја зачува за вечноста, скршениот татко на девојчето го доверил телото на Алфредо Салафија, познат препаратор од тоа време. Тој починал во 1933-тата, и никогаш не го открил составот на хемикалиите што ги користел при мумифицирањето. Барем до 2009-тата, кога Маскали го најде манускриптот во кој Салафија ги набројал состојките: „еден дел глицерин, еден дел формалин сатуриран со цинк сулфат и хлорид, и еден дел алкохолен раствор со салицилична киселина“. Процедурата била многу едноставна – растворот бил инјектиран во телото на девојчето, без потреба од дополнителни подготовки. Формалинот ги убива бактериите, глицеринот го чува телото од пресушување, салициличната киселина ги убива габите и фунгите, а цинковите соли го скаменуваат телото.
„Се надевам дека туристите ќе престанат да сликаат и да измислуваат тотално неосновани приказни за детето-мумија“, вели посветениот антрополог.