Научниците повикуваат единствената киргистанска древна мумија – стара 1.500 години, да биде под итно откопана. Мумијата беше земена од државниот музеј и по брза постапка закопана во истиот земјен предел на јужен Киргистан каде што и беше најдена во 1956 година. Закопувањето се случи по ненадејната одлука на задолжената државна комисија, и покрај негодувањата на единствениот археолог меѓу нејзините членови.
Сега, откако пукна скандалот, министерот за култура Тугелбај Казаков – кој играше клучна улога во донесувањето на одлуката, си даде оставка. Неговото образложение е дека мумијата била во голема мера занемарена од научниците, а земјата немала доволно финансии за да ја одржува во добра состојба.
Но спорен е и тајмингот на закопувањето – се случи во средината на октомври, токму на вечерта на жестоките претседателски избори. Многумина го посочија тоа како индикатор за тоа колку суеверието ја има опфатено политиката во Киргистан низ турбулентното минато на земјата.
И да, потегот (закопувањето) беше пофален од еден куп самопрогласени јасновидци, кои претходно предупредуваа дека Киргистан го чека катастрофа ако мумијата остане вакуумирана во државниот музеј. Една од нив, медиумот (од оние меѓу живите и мртвите) Замира Муратбекова, тврди дека спиритуалниот свет им наредил на властите да ја закопаат мумијата.
„Таа никогаш не умре. Кога ја најдоа таа беше сé уште жива. Беше како заспана девојка. Со тоа што ја закопавме се спасивме од крвопролевање на изборите“, изјави Замира, инсистирајќи дека ако се послушаат повиците на научниците да се откопа мумијата, тоа ќе бидат фатална грешка. „Претходно духовите ни зборуваа во форма на совети, но сега ни зборуваат со наредби“.
Кадјча Ташбајева – главниот археолог на земјата, која беше дел од комисијата, вели дека одлуката е донесена токму како резултат на советите на јасновидците. „(Во денешно време), човек би помислил дека овие луѓе се само култисти и маргиналци. Но ете, тие зборуваат, и потоа државата го спроведува нивниот став“.
Иако главната религија во Киргистан е исламот, шаманските пракси и суеверието имаат пуштено длабоки корени. Во 2011-та, на пример, властите ритуално заклаа седум овци во парламентот, за да истераат зли духови…
Претседателот во заминување – Алмазбек Атамбајев (новиот ја презема функцијата на 1 декември), го осуди закопувањето, а вината ја посочи кон „псевдо-муслиманите“ кои „му веруваат на секој што тврди дека е видовит“. Научниците, пак, и домашните, и странските, повикуваат веднаш да биде откопана и вратена во музејот. Се смета дека мумијата е дел од таканаречените Тарим мумии, од кои стотици беа ископани во кинескиот регион кој се граничи со Киргистан. Овие мумии се зачувани пред сé поради острите климатски услови (читај: мраз), а не поради некаква блискост со обредите во древен Египет, но се клучни за разбирањето на историските миграции на народите во регионот. Оваа, конкретно, е многу важна, бидејќи може да ги пополни „дупките“ во досегашните откритија.
Но отпорот кон ре-откопувањето на мумијата не запира. Против е дури и Рискелди Момбеков – член на парламентарната комисија која беше формирана за да одлучува за иднината на закопаната мумија, но исто така и член на партијата на претседателот Атамбајев. „Дали таа (мумијата) е Киргистанка? Дали е муслиманка? Не знаеме ништо за оваа мумија! Нејзиното повторно откопување ќе биде еднакво на вандализам!“, рече тој во едно од бурните заседавања на комисијата. Според него, се работи за обична девојка, за разлика од Владимир Ленин, кој би бил вреден за чување.
Ташбајева остро реагираше на таквиот став. Вели дека за мумијата веќе се знаат доста важни факти: ѝ го знаат полот, знаат и дека била млада кога умрела, веројатно помлада од 30. Притоа, черепот ѝ е вештачки деформиран, што било популарен обичај меѓу номадите во регионот во периодот кога жената била жива. „Можеме да научиме уште повеќе со ДНК анализи, но ни фалат специјалисти“, вели таа.
Како масло на огнот, прсти во манџата замешаа и локалните медиуми. Во неколку прилики се обидоа да организираат ТВ соочувања меѓу археолозите/научниците и јасновидците. Ташбајева и колегите, очекувано, одбиваат да учествуваат, а ги обвинуваат медиумите дека долеваат нон-сенс во дебатата.
„Се плашам дека сме на пат кон мрачно доба“, вели Ташбајева. Зар може некој да ја обвини?