Мултимедијален настан „Ацо Шопов – Невообичаено”

Промоција на три книги – од кои одделни фрагменти ќе заживеат на сцената благодарение на Софија Гогова-Врчаковска и на Емил Рубен – проекција на омнибусот „Небиднина” и две изложби кои за првпат ѝ се претставуваат на скопската публика – ова се содржините на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено” кој ќе се одржи во четврток 23 ноември, со почеток во 19 часот, во просториите на Кинотеката во Скопје.

Ацо Шопов ја објави збирката „Небиднина” пред точно шеесет години. Денес, Небиднината се појавува како централна оска во книгата на Иван Антоновски „Од онаа страна на Небиднината – Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов” .

Овие разговори разоткриваат податоци од приватниот и општествен живот на македонскиот класик кои се не само интимно врзани со неговиот творечки чин, туку и го илустрираат неговиот непроценлив влог во развојот на нашата книжевна и општествена стварност („Дијалог” ).
Небиднината е еден од можните влезови и во втората книга која ќе се промовира на овој настан: „Песна над песните” , избор во кој поезијата на Шопов се чита во светлината на неговите размисли за литературата и за општеството, како и на критичките осврти кон неговото творештво („Сигмапрес”).

Преку Небиднината, Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски фрлаат еден свеж, смел и невообичаен поглед врз поезијата на Шопов во нивниот двојазичен графички омнибус насловен „Небиднина / Not-Being“ („Флип Бук Букс”).

извор: https://okno.mk/

- Реклама -