Кога порано простите луѓе ќе решеа дека стигнале до некакво скапоцено животно спознание, мораа да најдат некој за тоа да го соопштат. Денес, такви премудри цитати на фејсбук има триста на саат, ги читаме истетовирани над големите газови на карипските моделки на еротските слики што ги споделуваат младите мајки, ги слушаме во интервјуата со секакви лајфстајл и селф-хелп гуруа и самоуки психолози, кои знаат што и каков е животот иако имаат по 30-тина години и кои – уште подобро – можат и нас да нé научат за едно 100-200 евра и пар семинари.
Рајата, генерално, гз преку глава трча да поврати по некоја порција акал во форма на кратки и благозвучни филозофски максими, на кои човек со нормална работа тешко би се сетил онака, од нигде.
Мудростите, пак, непрекинато се множат и добиваат разни варијанти и финеси, но еве, ќе направиме мала селекција од оние основните и неизбежни, уредно чувани и шернати мудрости од оние пред и со нас, за оние по нас:
Живееме во место и време каде добрите манири се сметаат за лицемерие, а спонтаните гласни испади и скандали на јавните места – за пројава на шармантно, природно однесување. Да си „вистински“ и „неограничен“ се квалитети кои целосно го оправдуваат недостатокот од секакви манири, образование и елементарно воспитување. Следејќи ја оваа максима, ти комотно можеш да ги соблечеш гаќите во ресторан и да ги ставиш на маса, додека протестираш дека користењето на тоалет е вон човечката природа.
Како тоа се случува не е баш јасно, ама затоа пак не секој може да се пофали со постигнување на вакви морални и духовни височини. Ем ја памтиш до детал секоја мала гадост кој некој некогаш ти ја причинил, ем си сеопростувачко божество што ја надминало навредата од неа. Ем си милозлив пријател со тој што ти згрешил, ем нон-стоп го потсеќаш дека во главата ти трепка црвена сијаличка и дека треба да внимава што ќе рече и кога ќе диши.
Или народски речено, Онли Гад кен џаџ ми. Најоригиналниот и најсоодветниот статус во срцето на Балканот. Дел од Македонците, до оваа мудрост стигнаа откако од лично искуство се убедија дека правниот систем кај нас е неефективен и ништо не им може. Другите ќе ги препознаете по стегнатото женско 20-годишно тело, додека лежат до 40-годишници со голем мев и влакнести гради покриени со златен ланец со дебел крст, додека се сончаат на некоја тропска плажа и пијат коктел купен со украдени пари.
Два развода, три сообраќајки по твоја вина, а мајка ти ти го чува детето додека си на викенд на планина со твојот нов пријател. Не е важно, сé е тоа минато. Животот е само миг, живеј го сега! Важно е да се гледа напред со самодоверба и човек да им се радува на новите предизвици и малите нешта, како тоа што овој нема ништо заедничко со твоите бивши сопрузи. Толку е совршен што просто не ти е гајле што е женет. Сипи од шампањот да наздравиме!
Те викаат лесна пошто ти завидуваат. Ти си успеала, знаеш што сакаш и како да го постигнеш. Не се замараш со злобните потсмевливи коментари на колегите од факултет чии родители земаа кредит за да можат тие да студираат и патуваат со воз/автобус. Паразити. Тоа што не знаеш главни градови и ти се допаѓаат постари мажи со „можности“ не те прави лош човек, напротив. Вистинската љубов не знае за години и за брчки, таа е длабоко во човекот. А парите не се важни, но кога веќе се вклучени во пакетот, нема да ги одбиеш, фала богу.
Што има поубаво од тоа на 45 да се чувствуваш како да си на 16? Се разбира, за да останеш безвременски е потребно труд и стабилен ген, но за луѓето како тебе тоа е вродено. Имаш принципи и тие се бескомпромисни, а и добро ти оди: успешно го лажеш бизнис партнерот и најдобар пријател, твојата девојка е 20 години помлада од неговата сопруга и не ти е гајле што чудно те гледаат кога заедно аплаудирате на секоја смешна реплика додека сте на претстава во театар.