Муцунски за ЕФЕ: Интеграцијата во ЕУ е главниот надворешно-политички приоритет и клучен национален интерес

Тој додава дека државата има направено многу отстапки за исполнување на европските барања и оти новата влада е подготвена да ги исполни и останатите услови за приближување кон стандардите на ЕУ

Главниот надворешно-политички приоритет на новата македонска влада е целосната интеграција во Европската Унија, оценувајќи го процесот како клучен за остварување на националните интереси, рекол министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за шпанската новинска агенција ЕФЕ.

Муцунски во интервјуто говорел за прашања поврзани со евроинтегративниот процес притоа осудувајќи ја, како што вели „неправедната билатерализација и двојните стандарди кои станаа дел од процесот на пристапување во Европската Унија“.

Според него, нашата земја има направено повеќе од која било друга за пристапување кон Унијата, а блокадите од соседите ги поврзува со интересите на „трети страни“ кои „не сакаат европска иднина за Западен Балкан“.

Во однос на блокадата од Бугарија, Муцунски нагласил дека Владата останува на ставот за одложена примена на уставните измени.

„Ние сме земја која доби кандидатски статус во 2005 година и имаме многу позитивни препораки од Европската комисија за отворање на преговорите, но за жал сè уште не сме таму. Ова е нешто што го заслужуваме и се надеваме дека ќе го постигнеме што е можно поскоро“,

истакнал Муцунски.

Тој додава дека државата има направено многу отстапки за исполнување на европските барања и оти новата влада е подготвена да ги исполни и останатите услови за приближување кон стандардите на ЕУ.

„Тоа се критериумите по кои сакаме да бидеме оценети. Не е фер да се оценува нашата земја врз основа на субјективни билатерални стандарди кои немаат врска со ЕУ. Кога ќе има историска книга за одлучувањето и проширувањето на ЕУ, ние ќе бидеме поглавје за неправедната билатерализација“,

рекол Муцунски.

Министерот Муцунски пред два дена беше во работна посета на Мадрид, по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Шпанија. Тој и неговиот шпански колега ги оценија односите како пријателски, со акцент на силната поддршка од Шпанија за побрза интеграција на земјата во ЕУ.

- Реклама -