Муцунски од Белград: Новата фаза во културната соработка ќе започне со отворање на Културно-информативен центар

На средбата со Брнабиќ, Муцунски се заблагодари за поддршката што нашата држава ја доби во гаснењето на пожарите изминатиот период и посочи дека тоа е уште еден доказ за солидарноста и меѓусебната поддршка

Потврда за одличните пријателски и билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, плодната соработка во различни области, како и континуираниот политички дијалог без отворени прашања е фокусот на разговорите од средбите што министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ги оствари на средбите со претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, и министерот за внатрешна и надворешна трговија Тома Момировиќ.

Муцунски денеска, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, е во официјална посета на Србија.

На средбата со Брнабиќ, Муцунски се заблагодари за поддршката што нашата држава ја доби во гаснењето на пожарите изминатиот период и посочи дека тоа е уште еден доказ за солидарноста и меѓусебната поддршка.

Најави и нова фаза во културната соработка меѓу двете земји која, како што рече, треба да започне со отворање на Културно-информативниот центар (КИЦ) во Белград.

„Овој центар ќе ги збогати културните врски меѓу двете земји и ќе работи на активна промоција на македонската култура во Србија“,

рече тој.

На средбата со министерот Момировиќ, пак, како што се вели во соопштението од кабинетот на Муцунски, се потврдиле одличните економски односи меѓу земјите, за кои се потенцирало дека во иднина треба да се надградуваат.

„Со оглед на новите надлежности на министерството за надворешни работи и трговија, на средбата беа разменети корисни искуства и заложби за зајакнување на трговските врски и културната соработка“,

информираат од кабинетот на Муцунски.

Вицепремиерот Николоски денеска изјави дека владината делегација ќе оствари средби со претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ, со министерот за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ, со министерката за енергетика Дубравка Ѓеговиќ-Хандановиќ, со министерката за економија Адријана Месаровиќ, со министерот за транспорт Горан Весиќ, како и со претседателот на владата на Србија, Милош Вучевиќ.

- Реклама -