На прв поглед, мрзеливите работници делуваат како најлош избор ако сакате работата да биде завршена. Од друга страна, токму мрзливците можат да се покажат како најефикасни, пред се, зашто преферираат потребните резултати да ги постигнат со што помалку работа. Многу е веројатно дека тие ќе ја научат секоја цака, ќе изнајдат креативни (и ефикасни) решенија, ќе направат план што ќе тече глатко и ќе заштедат време.
Па така, кога овие работници изгледаат како да не работат ништо, сосема е можно дека всушност пронашле полесен начин да ја завршат работата, или едноставно имаат поразвиени вештини од останатите. Пожелно е да учите од нив, но и да ги ангажирате да им помогнат и на другите да научат.
Кога изгледаат како да им е досадно, можеби всушност се задлабочени во мислите. Можеби токму во тој момент го планираат најбрзиот и најефикасниот начин до посакуваниот резултат. Пронајдете предизвици кои им одговараат и доделете им повеќе работни задачи.
Кога делуваат отсутно, можно е да се работи за тоа дека ситуацијата не нуди доволно случувања што би ги држеле заинтересирани. Повторно, доверете им повеќе проекти кои нудат повеќе задолженија и бараат брза работа.
Кога делуваат мрзеливо, поместете ја „летвата“ погоре. Дајте им повеќе одговорност, дајте им простор да направат повеќе. Предизвикајте ги, поставете им цели и задачи и овозможете им да достигнат нови висини.
Кога ви се чини дека се бавни, пуштете ги да пронајдат начини да бидат попродуктивни во што помал временски период, особено во други области. Со тоа што ќе им помогнете на вашите вработени да развијат и други вештини, ќе им дадете до знаење дека сте посветени на нивниот успех.
Да се разбереме, овде не зборуваме за работници кои не ги исполнуваат стандардите, туку за оние кои тоа го прават со малку видлив труд. Можеби кај нив мрзливоста реално постои, но во случајов таа е симптом на нешто повеќе, нешто подобро. Дозволете им да направат нешто повеќе за вас и за себе, во спротивно вие ја сносите одговорноста за упропастувањето на одличниот „ресурс“. На кратко, ако постои тешка работа што треба да се заврши, дајте им ја задачата на мрзливците и уживајте во нивната магија на изнаоѓање едноставни начини. Не ги маргинализирајте, туку дајте им предизвици.
И се разбира, ако веќе барате од нив да завршат екстра работа, редно е и повеќе да им платите. Не се надевајте дека ќе успеете во намерите да ги експлоатирате без притоа и тие нешто да добијат за возврат.