Мрднала со прст и пишманила најмалку шестмина што планирале да се фрлат од мост

Мостовите поврзуваат, ама мостовите се и една од најпопуларните точки каде самоубијците решаваат да се поздрават со овој свет. Таков е и мостот Вермаут во Сандерленд, но во последно време таму нештата се малку посветли.

18-годишната Пејџ Хантер неодамна доби признание од локалната полиција, зашто се чини дека има поголем успех во спречување на самоубиствата отколку надлежните служби и институции. Како ѝ успева? Лесно.

Прво, навистина и искрено ѝ е гајле. Второ, напишала над 40 охрабрувачки и утешителни пораки и ги исполепила по оградата на мостот. Во нив пишува ствари како: „Иако нештата се тешки, твојот живот е важен“, „Не си сам/а“, или „Ти си зрак светлина во мрачен свет, затоа издржи“.

И ете, изгледа толку треба. Откако јавноста откри која е, Пејџ добива лавина позитивни реакции, а меѓу нив и најмалку шест од луѓе кои тврдат дека нејзините пораки ги премислиле и им го спасиле животот.

Полицијата немала дилеми дека нејзината акција треба да биде поздравена и пофалена.

„Сметавме дека е важно да аплаудираме на тоа што го прави Пејџ… Таа покажа неверојатно разбирање за ранливоста на луѓето на кои им е потребна поддршка, и ова е иновативен начин да се допре до тие што се ‘на мрачно место’. За некој толку млад, Пејџ покажа вистинска зрелост и сметавме дека е ред да ѝ заблагодариме лично. Треба да е многу горда на себе“, велат од полицијата.

По добивањето на признанието, Пејџ рече: „Не го правев ова за награда. Едноставно сакав да го направам“.

 

- Реклама -