Можно е Блерим Рамадани веќе да се наоѓа во Косово, јавува ТВ 21

Роднина на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кој избега од домашен притвор во Македонија, објави фотографија на Фејсбук на која пишува – „Чичко Блерим Рамадани, добре дојде дома, во нашиот роден град“

Телевизија 21 објави дека Блерим Рамадани, кој вчера избега од домашен притвор во Македонија, можно е веќе да се наоѓа во родниот град во Косово. На социјалната мрежа „Фејсбук“ е објавена фотографија од Блерим Рамадани со извесен Несрет Шашивари, кој во објавата се претставува како негов внук. Во постот се вели: „Чичко Блерим Рамадани, добре дојде дома, во нашиот роден град“.

Човекот од фотографијата во разговор со новинар од ТВ 21 не негирал дека фотографијата е направена денеска, но одговорил и дека тој не е должен да дава вакви информации, а од телевизијата додаваат дека и покрај сите информации, сè уште не можат во целост да потврдат дали информациите се веродостојни.

Претходно денеска, тврдење дека Рамадани се наоѓа во Косово дојде и од поранешниот припадник на ОВК, а сегашен потпретседател на организацијата на воени ветерани на УЧК, Луан Јахири. Тој во интервју за косовската телевизија Т7 рече дека веќе разговарал со него и дека очекува наскоро да се сретнат, пренесува порталот „Репортери“.

„Денеска не разговарав долго со Блерим, го пофалив за одлуката што ја донесе оти тешко е да се врати во притвор, а камоли да биде екстрадиран во Србија. Тој се наоѓа во Косово, ние не сме го виделе, но ќе го видиме во наредните денови за да му покажеме дека ја има поддршката од сите нас“,

изјави Јахири за Т7.

Јахири рече дека Рамадани донел добра одлука откако било обзнането дека тој ќе заврши во притвор и дека ќе биде екстрадиран.

„Тој донесе добра одлука, јас би го направил истото. Многу пријатели му рекоа да ја напушти Македонија, иако беше во домашен притвор“,

заклучи Јахири.

Денеска бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани, од домашен притвор во земјава, наиде на остра реакција од соседна Србија.

Министерот за внатрешни работи на земјата, Ивица Дачиќ, настанот го оцени како скандалозен чин и побара објаснување од македонските власти за тоа како се случило Рамадани да побегне кога е уапсен по меѓународна важечка потерница.

„Станува збор за припадник на терористичката ОВК којшто извршил злосторства врз Србите во Косово, и кого Србија го бара со потерница, со цел да го изведе пред суд. Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој, којшто е уапсен по наша, меѓународно важечка потерница да побегне од домашен притвор. Или за албанските терористи и воени злосторници не важи меѓународната правда, кога убиваат Срби сè им е дозволено и простено“,

рече Дачиќ.

Бегството на Рамадани претходно денеска беше поттик за преписка помеѓу опозициската СДСМ и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од СДСМ побараа оставка од министерот, додека Тошковски им врати дека нивните обвинувања се празни зборови оти МВР и судот се две различни институции.

За потсетување, од МВР во изјава за „360 степени“ денеска ја потврдија информацијата дека од куќен притвор побегнал поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, од Косово, за кого Република Србија има распишано потерница и бара екстрадиција. Како што информираа од полицијата, по него ќе биде распишана централна потерница.

„Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување централна потерница за лицето Б. Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето“,

велат од МВР.

Како што објави порталот „Сдк.мк“, Рамадани вчера избегал од куќен притвор од домот на роднини во Македонија. Според порталот, по жалба на Обвинителството, тројца судии од Кривичен совет вчера му одредиле на Рамадани ефективен притвор од 30 дена поради опасност да избега. Извори од истрагата за „Сдк.мк“ откриле дека некој од Кривичниот суд му дојавил на Рамадани дека ќе го вратат во во затворот во Шуто Оризари, па тој истиот момент избегал од Македонија.

Блерим Рамадани беше уапсен во јули годинава на граничниот премин „Јажинце“ врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од страна на Република Србија. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.

- Реклама -