Секој маж посакува барем еднаш во животот некоја жена вака да се топи во негово присуство и да го изеде со поглед. Водителкава не може да се собере. Воодушевена е. Рацете ѝ треперат, дишењето ѝ е брзо, очите и светкаат, прегризува усни, на момент дури и се допира меѓу нозете. Пет пари не дава што оваа од десно му е жена на бодибилдеров.
Еве ви предизвик, и за мажите, и за жените: Изгледајте го видеово без тон и пробајте да провалите кога и колку оргазми доживува водителкава во текот на четириминутново интервју.
•
•
•
•
•
Го изгледавте?
Океј, за почеток да ви се извиниме што ве излажавме за да ве наместиме. Вистината е дека водителката свршува 0 (со букви: нула) пати. Воопшто не е попалена како што изгледа.
Видеово е старо, ама продолжува да кружи по интернет во смисла „луѓе што уживаат во својата работа“, демек „сакај си ја работата и нема ниту еден ден да работиш (туку ќе ти биде задоволство)“, или „посакувам некоја жена вака да ме гледа во животот“. Дури и 90% од коментарите под видеото се такви. Ние ќе го искористиме како 4-минутна лекција за тоа колку значи контекстот.
Имено, ако всушност го преслушате интервјуто, ќе сфатите дека билдеров имал тежок живот. Интервјуво се случува откако по втор пат освојува Британска Гран При титула во бодибилдинг, по 18 месеци тешка пауза и многу емотивен период. Мајка му е почината од рак. Мајка му е најзаслужна за тоа што стигнал до таму каде што е, вели. Вели дека титулата ѝ ја посветува неа. Вели дека плачел на сцена, плачел и зад сцена, и се обидува да не плаче и сега за време на интервјуто.
Во еден момент подоцна во интервјуто, водителката нагласува дека тој и неговата сопруга ѝ се добри и блиски пријатели, и алудира дека добро ја знае нивната животна драма. Во моментот кога „се допира меѓу нозете“, всушност го подместува кабелот од микрофонот. Моментот кога ги прегризува усните, пак, е токму во најемотивниот дел од интервјуто, кога билдеров зборува за мајка му.
Со други зборови, преку целиот разговор, водителката едноставно сочувствува со емотивното торнадо на нејзиниот добар пријател и ја дели неговата среќа, бидејќи знае колку му значи титулата. Како и тој, се обидува да не заплаче. Изгледајте го сега истово видео со звук и ќе видите дека нема ни трага од сексуалната тензија што претходно блештеше од секоја можна секунда. Ете колку е важен контекстот.