Уште од рани времиња луѓето користат секакви нешта при размената на економски вредни стоки. Некогаш тоа беа ретките метали или бокали со вино. Арапските трговци потоа развија „документи за размена“ (читај: чекови) – систем кој се прошири во Европа во доцниот среден век. Најраниот пример на модерен чек е напишан во лондонска банка во 1659 година. Во 1949 година, американскиот претприемач Френк Мекнамара при посета на еден ресторан си го заборавил паричникот дома. Морал да го претрпи (во тоа време) срамот жена му да плати за таксито. Неколку месеци подоцна се вратил во ресторанот за да плати со картонска картичка – и ете се раѓа кредитната индустрија. Малку потоа, банките почнуваат да воведуваат компјутерски системи, за полесно следење и менаџирање на парите. Во Лондон во 1967 година се појавува и првиот банкомат. Со ширењето на мрежата на банкомати, во 1980-тите почнаа нашироко да се употребуваат и дебитни картички. Веќе следната декада се разви и онлајн банкарството, а кешот ја изгуби својата доминација.
Денес
Денес, пак, целосно безготовинското општество веќе се наѕира на патот. Сингапур, Холандија, Франција и Шведска имаат најмногу безготовински трансакции во светот, со тоа што Шведска се смета за најблиску до тоа да стане првата земја што целосно ќе го искорени кешот. Во 2015-та, 4 од 5 трансакции во земјата не инволвирале книжни пари, а моментално шведската централна банка размислува да воведе своја криптовалута. Шведските цркви беа меѓу првите што почнаа да прифаќаат донации преку мобилни телефони.
Во Кина, во градовите сé помалку се употребува готовина, а наместо тоа за трансакциите масовно се користи систем со енкриптирани кодови преку телефон. Во Индија, 255 милиони луѓе користат Paytm – сервис кој овозможува плаќање преку виртуелен паричник. Австралиската Citibank престана да прифаќа кеш, а Европската централна банка ќе ја укине банкнотата од 500 евра во 2018-та, како против-мерка на финансирањето на тероризмот.
Во 2016-та, Индија направи нешто слично на ова со банкнотата од 500 евра; во ноември одеднаш донесе одлука да ги замени банкнотите со голема вредност, за да спречи избегнување на данок и фалсификати. Но овие банкноти тогаш претставуваа 86% од книжните пари во оптек, па недостатокот од доволно нови банкноти за нивна замена доведе до тоа компаниите да не можат да исплаќаат плати, а милиони сиромашни луѓе да не можат да купат храна.
Можно ли е општество што ќе функционира целосно без кеш?
Економистите дефинитивно сакаат да е. Според нив, елиминирањето на кешот ќе значи помали трансакциски трошоци, ќе донесе нови алатки/можности за менаџирање на економскиот раст, и пред сé, ќе го спречи избегнувањето на даноци и перењето на пари. За владите тоа ќе значи и полесна борба против шверцот, особено на дрога.
Бизнисите не само што ќе заштедат пари при финансиските трансакции (помали трансакциски трошоци, нели), туку ќе профитираат и од лесното и „мазно“ плаќање, кое ги охрабрува потрошувачите на поголемо трошење (како што добро знаете и самите).
И централните банки би можеле поефективно да се борат против рецесии; на пример, ако сите опции се исцрпени, дури и со наметнување на негативни каматни стапки – читај: данок на заштеда што ќе наметне поголемо трошење.
Аргументите „против“
Критичарите, пак, целосниот премин кон дигитални пари го гледаат како опасна ерозија на приватноста – во исклучиво дигитална економија, владите и банките можат да ти го контролираат финансискиот живот практично на копче, и можеш за минута да останеш без скршен денар. Ова ќе им даде сосема нова алатка за контрола врз обичните луѓе на тиранските влади или оние во позиција на моќ.
Но не мора да се владите или банките. Компјутерските мрежи знаат и да „паднат“, т.е. се подложни на дефекти. Подложни се и на хакерски напади, а при снемување на струја на подолго време се јавува и голем проблем. Жителите на Порторико тоа многу добро го знаат, откако ураганот Марија уништи голем дел од електричната мрежа на островот. Замислете во таква ситуација да немате кеш.
Од целосната елиминација на готовите пари веројатно најмногу ќе настрадаат сиромашните. Особено денес, милијарди сиромашни луѓе во земјите во развој зависат од готовина при купувањето на стоки во мали количини. Не сите можат да си дозволат телефони или други средства за интеракција со дигиталните парични мрежи и системи. Во безготовинско општество, овие луѓе по автоматизам стануваат граѓани од втор ред…
На крајот, да се вратиме на прашањето: Можно ли е општество без готови пари? Одговорот се чини јасен – можно е. Вистинското прашање е – какво ќе биде.