Секое видео на YouTube има своја уникатна ID oзнака. Ќе ја најдете горе, во URL-то, а составена е од низа од 11 карактери, кои прецизно идентификуваат кое видео сакате да го гледате.
Ама YouTube има милиони и милиони видеа. Според најновите податоци, на YouTube се прикачуваат по 400-500 часа видео содржина, секоја минута.
За да видиме дали може на YouTube да му снемаат комбинации за означување на видеата, мораме да зборуваме за системи на броење.
Луѓето бројат во таканаречената База 10 (Base10), од 0 до 9. Компјутерите бројат во Base2, т.е. бинарно, со единици и нули. Но таквиот систем е тежок за читање од луѓето, бидејќи броевите стануваат предолги премногу брзо. Затоа, компјутерите ги прикажуваат броевите во Base16, т.е. хексадецимално – систем што се добива со комбинација на броевите од 0 – 9 и буквите од А – F.
A YouTube? YouTube користи Base64 (2 на 6-ти степен) – уште еден систем лесен за компјутерите, а кој повеќекратно ги скратува броевите. Составен е од комбинација од броевите од 0 – 9, големите латински букви од Абецедата, малите латински букви од Абецедата, и + (плус) и / (коса црта). Бидејќи последниве две не функционираат баш најдобро кога се во URL, YouTube користи _ (долна црта) и – (цртичка).
Со други зборови, тоа ID од 11 симболи што го гледате на крајот на URL адресата на секое YouTube видео – е всушност огромен број запишан на многу мал простор. Кога прикачувате видео, YouTube бира рандом број од множеството опции, и првиот што ќе го најде, а не е веќе доделен на друго видео, му го доделува на вашето.
Што се однесува до тоа колкава е залихата на ID ознаки на YouTube, да видиме вака:
Значи, Base64 има вкупно 64 различни карактери. Еден карактер во Base64 ви овозможува 64 различни ID ознаки за видеото. Ако додадете уште еден карактер, бројот на можни комбинации се зголемува на 64×64, т.е. 4096 различни ознаки (во суштина броеви од 1 до 4096). Додајте и трет карактер и добивате 64³, т.е. 262.144 различни комбинации, што значи дека веќе имате четврт милион означени видеа. Со 4 карактери веќе можете да му доделите по две ID ознаки на секој еден жител на Лондон. Со 7 карактери веќе добивате 4 квадрилиона можни комбинации.
Со низата од 11 карактери што ги користи YouTube, добивате над 73 квинтилиона и кусур уникатни ознаки, или поточно 73.786.976.294.838.206.464 видеа (се изморив и од самото препишување).
Ај да пробаме подобро да го замислиме со зборови: Тоа е доволно за секој еден човек на планетава да качува видео секоја можна минута, и така да тераме околу 18.000 години! А кога по 18.000 години конечно ќе ги потрошиме сите предвидени ознаки, YouTube едноставно ќе додаде уште еден карактер во низата од 11… Кирилично „ж“, на пример.