Можат ли животните да предвидат земјотрес?

cats-under-bed-500[1]

На 11 септември повторно се уверивме дека земјотресите се застрашувачки настани и се случуваат кога воопшто не ги очекуваш. Но, некои веруваат дека постои предупредувачки систем: животните.

Низ вековите, разни сведоштва велат дека животните се упатувале кон ридовите или ги напуштале дувлата во неделите, деновите и часовите пред потресите. А науката што вика?

Вистина е дека животните можат да насетат земјотрес, обично само неколку минути пред луѓето, вели Мајкл Бланпид – координатор на Американската геолошка програма за земјотреси (Geological Survey Earthquake Hazards Program која постои од 1977 и мониторира земјотреси и штети од земјотреси, но и ги истражува причините и последиците). Но, тоа нивно однесување е реакција, а не некакво си специјално сетило или талент што може да предвиди кога или каде ќе удри земјотрес.

Некои од научниците имаат воспоставено теории дека одредени живи суштества можат да детектираат сигнали кои луѓето не можат, како што е суптилното навалување на земјата, промените во земните води или варијациите во електричните или магнетните полиња. Сеизмолозите би сакале да имаат ран предупредувачки систем за земјотреси, но по сé изгледа животните не се одговорот, смета Бланпид.

„Најголеми шанси да се случи голем земјотрес е после мал земјотрес“, вели тој, но нагласува дека дури и тоа што знаеме дека малите земјотреси им претходат на големите, не ни е од многу помош. Еден земјотрес не може да им овозможи на научниците да знаат точно колку долго ќе помине до наредниот, или дури ниту каде ќе биде следниот епицентар. Накратко, следењето на земјотресите не е лесна задача, особено што Земјата трпи милиони и милиони земјотреси годишно, од кои голем дел се одвај забележителни.

А сепак, луѓето имаат старо воспоставено верување дека животните знаат кога се ближи земјотрес. Почнувајќи од античка Грција, наводно животните биле опсервирани како напуштаат области кои подоцна биле погодени од земјотрес. Сепак, опсервациите се произнесени врз основа на сеќавања, по земјотресите. А тие често знаат да се разликуваат од реалноста кога ги разгледуваме во одреден контекст, во случајов земјотрес; нешто слично како она кога ќе раскинете и одеднаш постојано гледате вљубени парови – не дека одеднаш другите се вљубиле, туку вие почнувате повеќе да ги забележувате.

Да се документира дека однесувањето на животните се променило пред да се случи земјотресот е исто така тешка задача. Не дека Американската агенција за геолошко истражување (USGS – United States Geological Survey) не се обиде; во доцните 1970-ти, тие спонзорираа проект при кој во Јужна Калифорнија беа опсервирани лабораториски глувци, со цел да се увиди дали ќе има нивна зголемена активност пред евентуален земјотрес. За жал (ако може така да се рече), не се случи ниту еден земјотрес додека траеше студијата.

Затоа пак, Џим Беркланд – геолог од Bay Area во Сан Франциско, се прослави кога точно го предвиде земјотресот во Loma Prieta во Северна Калифорнија во 1989 година. Во неговата прогноза делумно помогна и тоа што Беркланд ги имаше прочешлано огласите во локалните весници, меѓу кои се забележуваше зголемен и невообичаен број на огласи за исчезнати домашни миленици (што наводно укажува на тоа дека животните ја напуштале областа) токму во таа недела дена пред да се случи земјотресот со магнитуда од 6.9 степени. USGS сепак ја отфрли неговата теорија, наведувајќи студија од 1988 како доказ.

Сепак, Бланпид вели дека одговорот на USGS не целосно ја отфрла можноста дека активноста на животните може да служи како предвесник. Притоа наведува студија од 2000-та објавена на нивниот вебсајт, студија на сеизмологот Џозеф Киршвинк, кој сугерира дека е можно низ милениумите животинскиот инстинкт да еволуирал за да служи како вид на ран предупредувачки систем за сеизмички настани.

На темата: МОЖЕ ЛИ ДА СЕ ПРЕДВИДИ ЗЕМЈОТРЕС?

Многу од американските научници кои веруваат дека животните можат да насетат земјотрес, се повикуваат на работата на Фридман Фрунд (Friedemann T. Freund) – постар истражувач во непрофитниот SETI институт (кој се бави со потрага по вонземски живот). Тој уште пред декади ја има поставено тезата дека малите стресови во кората на земјата кои се случуваат непосредно пред земјотрес – предизвикуваат големи промени во магнетните полиња, што пак животните можат да го насетат. Иако Бланпид нагласува дека теориите на Фрунд се нашироко критикувани, пред сé бидејќи брзи стресни промени не се очекувани пред земојтрес и никогаш не се опсервирани надвор од лабораторијата на Фрунд, Фрунд останува самоуверен. Во 2015-та, тој и неговите соработници објавија студија која покажува дека животните во националниот парк Јаначага во Перу практично исчезнале во последните неколку седмици пред регионот да го погоди земјотрес со магнитуда од 7.0 степени во 2011.

Животните се способни да го детектираат првиот сеизмички бран на земјотресите т.е. таканаречениот „притисочен бран“ (P-wave, од pressure wave), кој пристигнува пред таканаречениот S-wave (shaking wave) – секундарниот, потресителен бран. Веројатно тоа е објаснувањето што животните можат да се видат како одеднаш ги начулуваат сетилата т.е. преоѓаат во режим на внимание, почнуваат да се однесуваат збунето или да трчаат токму пред земјата да почне да се тресе, вели Бланпид. Исто така, некои животни, како слоновите, можат да насетат звучни бранови со ниски фреквенции и вибрации од бифор-шоковите (малите земјотреси што претходат), кои луѓето воопшто не можат да ги детектираат.

Непосредно пред земјотресот од 5.8 степени што во 2011 го погоди Вашингтон, некои од животните во националната зоолошка предизвикаа голема „џева“, особено лемурите, кои почнаа гласно да викаат, на некои 15 минути пред чуварите да го почувствуваат тресењето на земјата. Се разбира, ова е според сведоштвата на самите чувари, кои за однесувањето на животните раскажуваат по земјотресот. Лемурите се мошне гласни кога се вознемирени, ама знаат да бидат вознемирени и по неколку пати во денот. Со други зборови, никој со сигурност не може да каже дали овие во Вашингтон се вознемириле заради земјотресот, или од нешто сосема друго.

Па во ваква ситуација, кога ништо не ни оди во прилог на тезата, ни останува прашањето: зошто толку инсистираме на идејата дека животните можат да предвидат земјотрес? Бланпид смета дека тоа е плод на нашиот страв од непредвидливата опасност – помислата дека постои нешто што би ги сместило земјотресите во класата на предвидливи појави е наш очаен обид да најдеме утеха и да го намалиме стравот од она што реално е помоќно од нас, од што реално ќе можеме да се одбраниме само со помош на напредна наука и напредна технологија за мерење и опсервација.

- Реклама -