Movember: Месецот на грижата за машкото здравје и мустаќите

Movember е глобална иницијатива за подигнување на свеста за машкото здравје, која се одржува секој ноември. Името „Movember“ доаѓа од комбинацијата на зборовите „moustache“ (мустаќи) и „November“ (ноември). За време на овој месец, мажите ширум светот пуштаат мустаќи како симбол на поддршка и посветеност на кампањата за машко здравје.

Целта на Movember е да се подигне свеста за неколку сериозни здравствени проблеми кои ги засегаат мажите, како што се ракот на простата, ракот на тестисите, менталното здравје и превенцијата од самоубиство. Овие теми често се табу и ретко се разговараат во јавноста, што го отежнува барањето и добивањето поддршка за мажите кои се соочуваат со вакви проблеми.
Еден од начините на кои луѓето се вклучуваат во Movember е преку пуштање на мустаќи, што е симболичен потсетник за сите мажи да внимаваат на своето здравје и да се охрабрат да одат на редовни прегледи. Покрај мустаќите, во последниве години се појавија и други начини на поддршка. Многумина се вклучуваат преку физички активности и предизвици. Исто така денес се одржуваат разни настани, меѓу кои и трки, добротворни вечери и дискусии, кои служат како платформи за луѓето да разговараат за машкото здравје и да споделат искуства. Со тоа, Movember ја поттикнува свеста и ги охрабрува мажите да бидат проактивни во грижата за своето здравје.
Инаку, Movember започнало во 2003 година во Мелбурн, Австралија, кога група од 30 пријатели одлучиле да пуштат мустаќи за подигнување на свеста за машкото здравје. Првично, идејата била да се врати мустаќот како моден тренд, но потоа сфатиле дека можат да ја искористат акцијата за добротворни цели. Следната година, тие официјално ја регистрирале фондацијата Movember и почнале да собираат средства за истражување на ракот на простата.
Во следните години, кампањата брзо се проширила и станала глобално движење. Денес, милиони луѓе ширум светот се вклучуваат во Movember, со што кампањата стана една од најголемите иницијативи за машко здравје, насочена кон истражување, превенција и поддршка за оние кои се соочуваат со сериозни здравствени предизвици.

Извор