Motorola Moto G е најдобриот евтин смартфон за 2013 година и тоа е факт со кој мора да се започне неговото претставување. Motorola откако премина во соственост на Google реализираше една сосема нова стратегија каде главната понуда ќе се состои од супер квалитетни смартфони кои ќе се продаваат по неверојатно ниска цена, речиси двојно пониска од конкурентите. Motorola Moto G е вториот смартфон од оваа серија кој припаѓа во средната класа, но затоа пак неговата цена од само 179 долари е речиси незамислива за било кој друг конкурент. Овој смартфон има голем број на предности како убавиот дизајн, квалитетните компоненти и неколку новитети во софтверот.
Дизајн
Motorola Moto G е речиси идентичен како и неговиот помоќен брат Motorola Moto X кога е во прашање изгледот и задржани се закривените меки агли, како и предната заоблена страна, додека пак задната обвивка е изработена од пластика и има карактеристичен модерен облик. Овој смартфон е нешто погломазен од поскапиот Motorola Moto X со дебелина од 11.6 милиметри и тежина од 143 грама со што одамна не сме видел вака тежок уред, сличен во габарит на Nokia Lumia 920.
Сепак самата форма на Motorola Moto G овозможува удобно држење со добро распоредена тежина на дланката. Задната прекривка се отстранува што му овозможува на корисникот да одбере различни бои на маската, а Motorola обезбеди голема палета која ја руши монотонијата на дизајнот на модерните телефони.
Екран со одлична видливост
Кај Motorola Moto G не треба да очекувате врвен степен на резолуција и можеби HD сликата од 720p ќе ви звучи малку, но само да потсетиме дека пред една година тоа беше вообичаен стандард кај сите врвни смартфони. Екранот на Motorola Moto G има големина од 4.5 инчи и употребена е IPS LCD технологијата за јасни детали и остри бои без преголемо нагласување на топлиот спектар како кај AMOLED дисплеите на Samsung, но тука се зависи од преференцијалите на корисникот, oдносно што повеќе им лежи на око. Недостигот на LCD екранот е во осветленоста која треба да биде ставена на максимимум за да ја одбегнете рефлексијата од сончевата светлина што е мала пречка при употребата на смартфонот на отворено, но затоа пак видливоста од различни агли е на високо ниво.
Перформанси на ниво
Хардверските компоненти на Motorola Moto G се идеална комбинација на добри перформанси по што е можна пониска цена на производство, па така е обезбеден потребниот минимум за непречено функционирање. Тука е вклучен поевтиниот четири-јадрен процесор Qualcomm Snapdragon 400 со брзина од 1.2 GHz. Хардверот го сочинува и графичка Adreno 305 GPU, како и 1 GB RAM и два модели со 8 и 16 GB вградена меморија.
Според тестовите за перформанси Motorola Moto G бележи слични резултати како Samsung Galaxy S4 mini и не заостанува премногу во однос на најквалитетните конкуренти. Недостотаток на Motorola Moto G е што може да закочи при извршување на многу тешки операции, но во принцип корисниците ќе бидат сосема задоволни од неговиот перформанс во целина. Со овој смартфон ќе треба да се задоволите и со побавни брзини на мобилен интернет бидејќи новата 4G LTE конекција е изоставена.
Ахиловата пета – Камера од 5 мегапиксели
Motorola Moto G има камера од скромни 5 мегапиксели каде очигледно е направен најголемиот компромис за да се дoјде до неверојатно ниската цена. Интерфејсот на камерата е прилично едноставен бидејќи на една лента се поставени сите опции за прилагодување на сцената, а квалитетот на сликите најмногу е изразен при сликање на дневна светлина, додека ноќните слики се со многу недостатoци. Камерата на Motorola Moto G снима видеа со HD резолуција но, само до 720p стандардот што е мало разочарување.
Заклучок – Колку навистина вреди Motorola Moto G
Motorola Moto G со сигурност може да се окарактеризира како најдобриот евтин смартфон на кој не се извршени големи отстапки и кратења во квалитетот на компонентите, па така ќе бидете задоволни во речиси сите категории, почнувајќи од солидниот и модерен дизајн, екранот со добра видливост и висока резолуција, како и квалитетниот хардвер кој иако не е составен од најмоќните делови доволно добро си ја врши својата функција. Единствено камерата има послаб перформанс, но споредбено со смартфони од истата категорија кои се продаваат по приближно иста цена не може да најдете нешто поквалитетно.
Motorola Moto G е совршен спој на пристојно ниво на функционалност и неверојатно ниска цена која изнесува 179 долари за верзијата со отклучена СИМ картичка и без потреба од склучување на двегодишен договор со операторот, што го прави совршен во понудата за новите при-пејд корисници, па се надеваме дека набрзо овој телефон ќе биде достапен и во Македонија.
Текстот е објавен во соработка со Telefoni.com.mk