Скопје, 12.08.2022 – На Меѓународниот ден на младите – 12 август, Меѓународната организација на трудот (МОТ) ги презентира наодите од Извештајот од мапирањето на младите луѓе кои не се вработени и не се дел од системите за образование или обука, односно НЕЕТ-лицата, со цел поддршка на подготовката на новиот План за спроведување на Гаранцијата за млади за периодот од 2023 до 2026 година. Мапирањето овозможува детален преглед за состојбата на овие лица, причините поради кои не се дел од пазарот на трудот или системите за образование и обука, како и мерките кои треба да бидат преземени за ефикасно спроведување на Гаранцијата за млади.
Дел од препораките кои се наведени во овој извештај, а кои треба да ја подобрат успешноста на Гаранцијата за млади, се однесуваат на потребата од континуирано мапирање и рано интервенирање преку зајакнување на можностите за унапредување на вештините на младите. Од исклучителна важност е инвестирањето во сите региони во земјата за олеснување на пристапот на лицата со болест или попреченост до пазарот на трудот и прилагодувањето на мерките со цел намалување на родовиот јаз во пристапот на пазарот на трудот. Посебен акцент во извештајот е ставен на главните карактеристики на младите лица кои не се вработени и не се дел од системот за образование и обуки, како и клучните фактори поради кои младите луѓе може да станат дел од оваа група. Исто така, во партнерство со граѓанските организации неопходно е натамошно зголемување на капацитетите на теренските работници, силна меѓусекторска соработка, законодовно усогласување, како и поголема дигитализација на јавните услуги заради нивна полесна достапност до младите луѓе.
„Гаранцијата за млади генерално покажува добри резултати и успешност, особено во насока на зголемување на вработливоста на лицата кои биле надвор од пазарот на трудот и образовниот систем. Сепак, важно е да се истакне дека пандемијата, но и општата ситуација со сегашната криза, се главните предизвици за спроведувањето на Гаранцијата за млади, кои со сеопфатна меѓусекторска соработка можат да се надминат. Податоците од извештајот покажуваат дека 24,2% од младите луѓе се НЕЕТ-лица, процент што е двојно повисок од процентот на ЕУ кој изнесува 13,7%. Исто така, институциите ќе треба во наредниот период да обрнат посебно внимание и да креираат начини за поголемо вклучување на младите жени на пазарот на трудот, затоа што податоците покажуваат дека постои тренд на пораст на бројот на жени кои остануваат надвор од системите за образование или обука”, истакна Даниела Ѕампини, Виш специјалист на МОТ за вработување.
Мерката „Гаранција за млади“ овозможува на лица до 29 години кои не се вработени, ниту се вклучени во образование и обука да добијат понуда за работа, да го продолжат своето образование или да се вклучат во некоја од активните мерки за вработување во рок од четири месеци по нивното евидентирање како невработени лица. Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која започна со спроведување на Гаранцијата за млади во 2018 година, прво како пилот проект во неколку општини, а од 2020 година започна да се спроведува низ целата земја.
Во однос на спроведувањето на мерката, податоците покажуваат дека во 2020 година, 20.000 млади луѓе се регистрирале за Гаранција за млади, додека 34,2% од нив добиле понуда за работа во рок од четири месеци. Сепак, важно е да се нотира дека во 2021 оваа бројка
значително се намалила, па така 18.000 се регистрирале за гаранција за млади, додека бројот на оние кои добиле понуда за работа во рок од четири месеци се намалил за 43,7%.
По региони, највисок процент на млади лица кои не се вработени и не се дел од системите за образование и обука има во Југозападниот, Полошкиот, Североисточниот, како и Скопскиот регион. Исто така, според податоците од младите луѓе кои не се вработени и не се дел од образование и обука побројни се жените, како и возрасната група од 25-29 години, како и оние со завршено средно образование.
Причините поради кои младите лица се невработени и надвор од образование и обука можат да се поделат на: краткорочна невработеност, односно лица кои бараат работа една година, долгорочна невработеност, обесхрабреност, болест или попреченост, семејни обврски и други причини. Повисокиот процент на жени кои спаѓаат во оваа категорија, најчесто се должи на семејни обврски, што се забележува во дури пет региони низ земјата. Исто така, висок е процентот на обесхрабрените лица кои преовладуваат во Полошкиот и Источниот регион. Дополнително, оние лица кои поради попреченост или болест се во оваа група, најмногу се застапени во Југозападниот регион.
Меѓународната организација на трудот во континуитет обезбедува поддршка на националните институции – Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, за планирање, следење и преглед на спроведувањето на Гаранцијата за млади.
Меѓународна организација на трудот (МОТ)