Свесно или несвесно ги фаќате тие моменти кај другите – кога себе си се опишуваат како ангели, а всушност…
Страдаме ли сите од таканаречената морална амнезија?
Едно ланско истражување вика „Да“. Експериментите сугерираат дека нашите мозоци намерно ги заташкуваат или забораваат спомените од неморалните дела.
Во истражувањето, објавено во Proceedings of the National Academy of Sciences, биле вклучени 2109 доброволци, од кои било побарано да учествуваат во девет експерименти. Во еден од тие експерименти, 400 испитаници требало да напишат за нивни поранешни морални или неморални постапки. Резултатите велат дека учесниците полесно се сеќавале на своите добри постапки, но имале потешкотии да се сетат на ситуациите во кои постапиле во неморален манир.
Во друг експеримент, 70 од волонтерите играле „петка-глава“ (фрлале паричка), но во така дизајнирана ситуација што им овозможувала лесно да мамат. Наградата била парична… Кога биле прашани за ова две недели подоцна, тие што мамеле имале поголеми тешкотии да се сетат на деталите од тоа што го направиле, за разлика од другите кои избрале да ја играат играта фер.
Истиот тренд од овие два експеримента продолжил и во останатите седум.
„Откако луѓето се однесуваат неетички, нивното памтење на тие постапки повеќе избледува со тек на времето, заради психолошкиот немир и неудобното чувство предизвикано од таквите постапки“, пишуваат научниците во извештајот.
„Овие резултати се особено важни бидејќи (не)моралната амнезија може да објасни зошто обичните, добри луѓе – одново и одново пројавуваат неетичко однесување, а и како самите се дистанцираат од спомените на таквото однесување со текот на времето“.