Монополот на „Гугл“ врз онлајн пребарувањето е незаконски, пресуди судија во САД

Денешната судска одлука, како што пишуваат медиумите, би можела да доведе до промени во начинот на кој работат технолошките гиганти

Американски окружен судија денеска донесе пресуда според која технолошкиот гигант „Гугл“ (Google) дејствувал незаконски за да го задржи монополот на онлајн пребарувањата и поврзаното со нив рекламирање, пренесуваат светските медиуми.  

Логото на „Гугл“ на екран на паметен телефон (Илустративна фотографија) / Фото: EPA-EFE/HAYOUNG JEON

Одлуката, како објави Би-би-си, ја донел американскиот окружен судија Амит Мехта, кој рекол дека компанијата платила милијарди за да ја осигура својата позиција како стандарден пребарувач на паметните телефони и интернeт-прелистувачи. 

Тужбата против „Гугл“, како што потсетува британскиот национален сервис, ја поднесе Министерството за правда на САД во 2020 година бидејќи компанијата контролира околу 90 отсто од пазарот на онлајн пребарување. 

Денешната судска одлука како што пишуваат медиумите би можела да доведе до промени во начинот на кој работат технолошките гиганти.  

„Гугл е монопол и дејствуваше како таков за да го задржи својот монопол“,

напишала судијата Мехта во своето мислење образложено на 277 страници. 

Одлуката, според медиумите, е значајна победа на американските регулатори кои имаат поднесено тужби и против други компании од високата технологија за кои сметаат дека работат како монополи, а кои сè уште чекаат на судска разрешница. 

Федералните регулатори во САД ги тужеа технолошкиот конгломерат „Мета“, кој управува со „Фејсбук“ и „Ватсап“ (Whatsapp), како и „Амазон“ и „Епл“. 

Одлуката на судијата Мехта доаѓа по судскиот процес кој траеше десет недели и во кој тужителите го обвинија „Гугл“ дека троши милијарди долари годишно за да биде стандарден пребарувач за потрошувачите на платформите.  

Со ваквото однесување, според тужителите, другите компании биле доведени во подредена положба бидејќи немале ниту можност, ниту ресурси да се натпреваруваат на пазарот со интернет-пребарувањето. 

Адвокатите на „Гугл“, пак, како што наведува Би-би-си, ја бранеле компанијата наведувајќи дека корисниците го претпочитаат како пребарувач затоа што сметаат дека е практичен и дека „Гугл“ инвестира за да го подобри за нивните потреби.  

„’Гугл’ победува затоа што е подобар“,

рекол адвокатот на „Гугл“ Џон Шмитлајн за време на завршните зборови на почетокот на оваа година.

Седиштето на „Гулг“ во Калифорнија, САД / Фото: Википедија

Од „Гугл“ сè уште не излегле со коментар на пресудата на судијата Мехта. 

Инаку, во септември е закажано и треба да почне судењето за уште еден случај против технолошката компанија во врска со нејзината технологија за рекламирање. 

- Реклама -