Моноетничката прослава беше засенета од фактот што таа беше организирана од заветениот путинист Иван Стоилковиќ, реагираат од ДУИ

Вчерашната владина прослава на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор за ДУИ била организирана од моноетничка влада каде единствени гости биле вазалите и приврзоците на ВМРО

Двете паралелни прослави на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој се стави крај на конфликтот во земјава и денеска беше повод за преписка помеѓу партиите на Албанците. Откако утринава, коалицијата „Вреди“ ги обвини ДУИ дека прават поделби помеѓу албанските граѓани, од опозициската партија пладнево одговорија дека одбележувањето на еден од најважните денови за Албанците во земјава било засенето од фактот организатор на настанот бил заветениот путинист кој воедно е и непризнавач на независноста на Косово и Охридскиот договор, вицепремиерот Иван Стоилковиќ.

„Единствени гости во моноетничката ”прослава” беа вазалите и приврзоци на ВМРО кои никогаш не биле ниту последната дупка во кавалот во однос на Охридскиот договор, и кои ги окупираа државните институции како губитници на изборите, без легитимитет на албанскиот гласач, но со претпочитање на ВМРО ДПМНЕ како во времето на Рахман Морина“,

се вели во реакцијата на Демократската унија за интеграции.

Велат, ова понижување врз Албанците од страна на милениците на ВМРО достигнало загрижувачки размери со тенденција да се поништи секој напредок во насока на еднаквоста.

„Правната платформа за легитимитет, подготвена како предлог од Пол Вилијамс и ПИЛПГ, го спречува вазалството и недостатокот на етнички легитимитет на институциите во согласност со духот на Охридскиот договор. Затоа, од септември ќе започнеме јавни консултации за платформата за легитимитет со академскиот свет, невладините организации, медиумите и граѓаните“,

велат од ДУИ.

Утринава, од „Вреди“ соопштија дека дваесет и тригодишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор ја доби својата вистинска и институционална форма. Овој историски момент кој, како што рекоа, претставува најголемо достигнување на албанскиот народ во Македонија, конечно е ослободен од канџите на поединци кои со години го користеле за богатење и остварување на лични желби.

„Со доаѓањето на коалицијата ВЛЕН на власт, повеќе нема ‘Арберија дизајн’ за организирање на Охридскиот рамковен договор за стотици илјади евра, повеќе нема лични желби, веселби и несериозност со единствена цел – збогатување, заврши времето на неодговорност“,

се вели во соопштението.

- Реклама -