Поранешен ученик во мешовитата гимназија во Бихаќ, инспириран од страшните настани вчера во Белград, на социјалните мрежи најави исто такво сценарио и во БиХ, објави N1 Сараево, пренесува МИА.
„Тоа момче кое уби осум деца за мене е крал! Долго време подготвувам такво нешто за економското училиште во Бихаќ. Ќе биде незаборавен масакр во Бихаќ, се колнам со животот! Кога сите знаевте да ме осудувате и избегнувате, поради тоа ќе има терор“, напишал тој во објавата.
Веднаш следеше соопштение од Мешовитото средно училиште во Бихаќ дека надлежните органи биле известени и веднаш реагирале и нема потреба за паника.
„Ги известуваме сите ученици од нашето училиште, како и нивните родители, дека поради ситуацијата настаната поради објавата на нашиот поранешен ученик З.А., нема потреба од паника. Надлежните органи беа соодветно и навреме информирани и реагираа согласно нивните овластувања“, се наведува во соопштението.
Извор: МИА