На 12 декември во 20 часот во киното „Фросина“ – Младински културен центар, за прв пат во Скопје ќе се прикажува специјална проекција на „Молкот на разумот“ („Silence of Reason“) на режисерката Кумјана Новакова. Оваа проекција на креативниот документарен филм што ги следи искуствата на жените изложени на насилство за време на војната во поранешна Југославија е во состав на единаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО.
„Молкот на разумот“ ја доби наградата за најдобра режија во програмската секција „Envision“ на Меѓународниот фестивал за документарни филмови ИДФА (IDFA), наградата за човекови права на Сараевскиот филмски фестивал, како и на наградата за најхрабар филм на Филмскиот авторски фестивал во Белград.
Филмот е форензички видео-есеј изграден како перформативно истражување во судската архива на случајот „Кунарац и други“, уште познат како „Судење за логорот за силување во Фоча“, што се водеше во Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ) од март до ноември 2000 година и претставува првиот случај пред меѓународен суд со кој се осудуваат силувањето и сексуалното ропство како кривично дело против човештвото.
„Молкот на разумот“ е создаден исклучиво од форензичка визуелна архива и сведоштва, дејствува како меморијата: недостижна, флуидна, надвор од рамките, се движи во сите правци – просторни и временски. Искуствата на насилство и тортура врз жените од логорите за силување во Фоча за време на војната во Босна и Херцеговина стануваат наши колективни сеќавања, надминувајќи ги времето и просторот. По проекцијата на филмот следува дискусија водена од филмската критичарка Петра Метерц која ќе се одвива на англиски јазик.
Кумјана Новакова работи во областа на филмот и уметноста од 2006 година. Таа е коосновачка на Филмскиот фестивал „Pravo Ljudski“ во Сараево, каде што е главна кураторка. Работи како вонредна професорка на магистерската програма по филм на Холандската филмска академија, а моментално живее меѓу Сараево и Скопје.
Билетите за специјалната проекција на „Молкот на разумот“ се во продажба на www.bileti.mkc.mk или на билетарницата на Младинскиот културен центар.Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО е поддржан од The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund, The Sigrid Rausing Trust и Министерството за култура на РСМ.