„Молитви на моето тело“ -балетски спектакл во чест на Ацо Шопов на 20 декември во НОБ

„Молитви на моето тело“ е балетски трилтих што премиерно ќе се одржи на 20 декември во Национална опера и балет (НОБ), по повод 100 години од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, а по идеја на костимографот Александар Ношпал.

Поезијата на Шопов односно истоимениот циклусот поезија ќе биде „прочитана“ со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и останатите уметници. За овој проект беше добиена  согласност од носителот на авторските права, Јасмина Шопова, ќерка на поетот.

Во формат на балетски триптих, работен по мултидемијален принцип „Молитви на моето тело“ претставува 90 минутно креативно „сплотување“ на тим од тринаесет уметника, од различен профил, носители на македонската креативна елита, репрезенти на современиот танцов израз, но и вистински амбасадори на македонската култура во, а посебно и вон земјата, како и еден врвен визуелен уметник од Албанија, Флорија Чанга.

Како што потенцираше на денешната прес-конференција во Скопје драматургот Соња Здравкова Џепароска, претставата се базира на циклусот „Молитви на моето тело“, кон кој е и приклучена песната „Раѓање на зборот“, и сите циклуси формираат една органска целина.  

-Бидејќи секоја претстава која се пренесува во нов медиум бара потчинување на тие закони, оваа поезија е структуирана во три дела. „Раѓање“ е првиот дел кој се однесува на раѓањето на зборот, на раѓањето на телото, на раѓањето на идејата и секој од овие циклуси беше обоен во одредена боја бидејќи тоа некако органски мене ми се наметна како драматург, а целиот тим го прифати, појасни Здравкова Џепароска.

Таа додаде дека вториот дел е „Преплетување“. Тоа е, како што рече, преплетување или ткаеж, односно игра со зборови, со човечки тела и тука акцентот е ставен на тој дел, а бојата е пурпурно црвена.

Третиот дел е „Вознесување“. Вознесување во една нова димензија, вознесување на телото, на идејата, на исчекорување надвор во некоја нова димензија.

-Кога се работи за преработка на одредена матрица литературна, мора да внимаваме да останеме доследни на авторот. Се надевам дека останав доследна на авторот и дека подготвивме една предлошка која даде доволно простор на кореографите да се изразат, додаде Здравкова Џепароска.

Костимографот  и идејниот творец на овој проект, Александар Ношпал со своето 25 годишно театарско искуство, особено со своите ангажмани во областа на балетската костимографија во елитните европски балетски компании (Операта Лајпциг, Дизелдорф, Бољшој Театарот итн.) создаде уникатен концепт во кој следиме органска симбиоза на различните уметнички изрази. Тој исто така е автор на  костимографските решенија. Во формулирање на визуелниот дизајн се вклучени  извонредниот графички дизајнер на мултумедија Лазе Трипков, младиот сценограф Михајло Стојановски, и визуелниот уметник Флорија Чанга ( Р. Албанија) кој ќе ја заокружи и оживее појдовната поетска матрица. Проектот ги соедини поетската реч на Шопов со современиот мултимедијален јазик кој е близок до генералниот тренд на светската балетска продукција.

На прес-конференцијата Ношпал посочи дека ова е негово прво чедо кое се роди како идеја и напомена оти е чест и задоволство да се работи со овој тим.

Раководителка на балет Олга Панго рече дека на претставата работат три македонски кореографи, со три различни изразувања поврзани во една целина.

-Станува збор за три различни изразувања поврзани во едно цело, а тоа едно цело е и поезијата на Ацо Шопов. Сметам дека ова ќе биде многу голема и комплексна работа за нас како балет и колектив бидејќи работиме три различни дела од три различни кореографи со три различни изрази и сметам дека на 20-ти ќе имаме прекрасна премиера која ќе биде за паметење, рече Панго на прес-конференцијата.

Во претставата настапуваат Мими Поп-Алексова Атанасовска, Илијана Данилов, Наташа Трендафилова, Ангела Велевска, Ована Димковска, Меланија Гоцевска, Ангела Богатинова, Аманда Роча, Франциско Хименес Руис, Балаш Лочеи, Игор Веланоски, Ендру Кук, Веселин Трајковски и Алфред Јаго. Сценограф е Михајло Стојановски.

Премиерниот датум – 20 декември е роденден на поетот Ацо Шопов и пред почетокот на претставата ќе биде свечено затворање на јубилејот кој се отвори во март оваа година во седиштето на УНЕСКО. Во однос на дополнителната содржина во фоајето на НОБ ќе бидат отворени и две изложби едната насловена „Патот по кој чекорам“ и втрата „Величествен поетски мост што ги поврзува сите континенти“. 

Првата реприза на претставата е на 22 декември.

- Реклама -