Без двоумење, нападите во Брисел беа трагедија и земјата ја заслужи секоја тронка симпатија што ја доби. Од друга страна, уште кога бевме Шарли и кога се молевме за Париз, некои прашуваа дали исто ќе се молиме и за некоја од земјите вон Европа и САД. Видливо е дека нападите во Турција, на пример, поминаа со помал оддек, а за другите воопшто да не зборуваме. Е сега, проблемот е што постои шема по која реагираме на трагедиите.
Како што се гледа од „Светската мапа на трагедии“, одредени региони на планетата ја добиваат светската симпатија за време на катастрофа многу полесно од другите, а некои и воопшто. Тоа што боде очи на мапата и тоа што мапата се обидува да го аргументира е дека најмногу значат областите со бело население, за разлика од регионите каде што воглавно живеат земјите со поинаква боја на кожата.
Тој аргумент е покажан и докажан, но има и една друга страна во дискусијата. Ако Tragedy World Map ја споредиме со светската мапа на големина на приходи, добиваме нов аспект.
Вака споредени, станува евидентно дека регионите кои привлекуваат најмногу медиумско внимание и најмногу сочуство во криза можеби и не се одредени според бојата на кожата. Наместо тоа, до израз доаѓа дека клучниот критериум е богатството на регионот и големината на просечни приходи на населението. Значи, побогатите земји добиваат повеќе внимание, и обратно.
Е сега, богатството на оваа или онаа земја е најчесто тесно поврзано со расата на населението. При тоа мислиме на сите комплексни причини кои влечат корени уште од почетокот на европскиот колонијализам. Сепак, како и да се гледа на работите, јасно е дека рутината е медиумите да ги игнорираат сиромашните земји, особено кога се во криза.