Наумче Мојсоски и Оливера Наковска-Бикова спортисти на Македонија за 2012!

Ракометниот репрезентативец и член на РК Металург, Наумче Мојсоски е прогласен за Спортист на Македонија за 2012 година, во изборот на Сојузот на спортски федерации на Македонија (ССФМ) и Агенцијата за млади и спорт (АМС).

На манифестацијата која се одржа вечерва во Македонската опера и балет, Мојсоски го доби најпрестижното признание заедно со нашата златна параолимпијка Оливера Наковска – Бикова која сосема очекувано беше прогласена за најдобра спортистка.

Мојсоски имаше извонредна година со освоеното 5.место на ЕП во Србија како и одлични настапи во дресот на Металург, додека Наковска – Бикова освои златен медал на параолимписките игри во Лондон.

„2012 година за мене беше прекрасна, но сигурен сум дека нема да се застане само на тоа и во иднина ќе продолжам со уште поголеми успеси“ – рече Мојсоски.

Очекувано задоволна од признанието беше и Оливера Наковска – Бикова.

„Оваа награда за мене е само поголем мотив да продолжам уште поуспешно понатаму“ – истакна Наковска – Бикова.

Од останатите категории за наш најдобар спортист во странство беше прогласен Кирил Лазаров, додека машката и женската ракометна селекција ги добија признанијата за најдобри репрезентативни состави.

Посебни награди за спортски промотори на Македонија во странство добија РК Металург, фудбалскиот репрезентативец Агим Ибраими како и најдобриот наш фудбалски судија, Александар Ставрев.

Постхумно награди добија Славе Атанасов и Александар Атанасовски – Мац.

Зачудувачки: Перо Антиќ мина без никакво признание!

Зачудувачки, во една од своите најплодни резултатски години, кога преку себе ја издигна и Македонија до европскиот клупски кошаркарски пиедестал, нашиот кошаркарски интернационалец Перо Антиќ мина без признание од ССФМ и АМС за неговиот ефект во 2012 година.

Антиќ беше зад Лазаров во изборот за наш најдобар спортист во странство, но изненадувачки воопшто не доби признание, ниту пак спомнат, и меѓу лицата кои добија награди како спортски промотори на РМ надвор од границите на земјава. А, Антиќ оваа година со Олимпијакос ја освои европската шампионска круна во Евролигата. Убедливо највисок индивидуaлен дострел за еден спортист на европската сцена.

НАЈДОБРИТЕ ВО 2012 ГОДИНА:

Најдобар спортист: Наумче Мојсоски – ракомет
Најдобра спортистка: Оливера Наковска – Бикова – стрелаштво
Најдобар спортист во странство: Кирил Лазаров – ракомет
Најуспешна репрезентација (мажи): Ракометна селекција (сениори)
Најуспешна репрезентација (жени): Ракометна селекција (сениорки)
Најуспешен тренер – селектор: Бранимир Јовановски – стрелаштво
Најдобар млад спортист: Димитар Ѓоргиев – кикс бокс
Најдобра млада спортистка: Симона Заборска – карате
Награди за спортски промотори на Република Македонија: РК Металург; фудбалерот на Марибор и македонски репрезентативец Агим Ибраими и најдобриот македонски фудбалски судија Алесандар Ставрев.

- Реклама -