Модниот агент Брунел, осомничен дека на Епштајн му посредувал со девојки, пронајден обесен во неговата затворска ќелија

Поранешниот француски агент за манекени Жан-Лук Брунел синоќа е пронајден обесен во неговата затворска ќелија во затворот Санте, во Париз, јави дописникот на МИА.

Брунел од 2020 година беше во истражен притвор поради обвинение за „силување на малолетно лице“. Во јуни минатата година, пак, неколку поранешни манекенки го обвинија за сексуално вознемирување.

Тој исто така беше осомничен дека посредувал помеѓу девојки и американскиот милијардер Џефри Епштајн, кој исто така беше пронајден мртов и – според официјалните извештаи, обесен – во неговата затворска ќелија во август 2019 година. Тој во јули 2019 година во САД беше обвинет за организирање на мрежа на млади девојки, кои сексуално ги експлоатирал во периодот од 2002 до 2005 година.

Епштајн, меѓутоа, тврдеше и дека поседува компромитирачки информации за моќни политички, бизнис и други фигури, поради што сомнителните околности при неговата смрт резултираа со бројни шпекулации и интернет паролата „Epstein didn’t kill himself” („Епштајн не се самоуби“).

- Реклама -