Прекрасното село Лазарополе викендов ќе биде домаќин на Работилница за кратки книжевни форми, во рамки на проектот „Креативен викенд“. Ова ќе биде третото издание на работилницата Кратки книжевни форми, а во нејзини рамки ќе се пишуваат и презентираат неколку различни видови кратки форми на изразување, меѓу кои кратки песни.
Авторите ќе имаат можност да се соберат на едно прекрасно место заедно да работат, да се инспирираат, творат, пишуваат, да ја претстават својата работа, да соработуваат, да се дружат и да уживаат во природата. Кратки книжевни форми е работилница наменета за поети, книжевници и сите љубители на краткиот пишан збор. таа ќе се состои од кратки предавања и работни сесии (пишување и читање) на кои авторите меѓусебно ќе се запознаат, пишуваат, ќе ја презентираат својата поезија и ќе ја слушнат поезијата на другите поети.
На работилницата ќе учествуваат Перо Сарџоски кој ќе изведе кратка работилница за преведување на поезија со осврт на техниките и нивоата на преводна еквиваленција при преведување на поезија од Ацо Шопов, потоа Васко Марковски со работилницата „Скриеното хаику“ на Орхан Вели, а Бобан Ристевски ќе има предавање „Мојот свет на окултизам“ на тема магијата во книжевноста и музиката.
Координатори на проектот се Снежана Стојчевска и Тони Димитров, а домаќин Јован Ламбески.