Далибор Ѓорѓевски со другарите од маалото Два бреста во Тетово реализирале хуманитарна акција која резултираше со набавка и носење на три нови кревети со душеци како донација за семејството Николовски од кратовско Секулица. За супстандардни услови и немањето храна јавноста дозна по сторијата објавена во емисијата „Срце на дланка“, па младите тетовци се мотивираа да помогнат.
-Семејството со три деца Марио, Кети и Лука, освен што тешко се прехрануваат, живеат во супстандардни услови. Откако јавноста разбра за нивната состојба им помогна да реновираат две соби. Ние контактиравме со нив и така одлучивме да помогнеме со три нови кревети сосе душеци кои денес ги доставивме до нив, информираше Далибор Ѓорѓевски.
Младиот Далибор и на 17 ноември заедно со другарите патуваше 150 километри од Тетово до Секулица за да им однесе храна, облека и обувки. Денес освен креветите повторно им однеле облека и обувки.
Приказната за трите деца стана позната по сторијата во која Кети зборуваше дека никогаш во животот не пробала смоки и кифла од продавница, како и дека другарчињата секој ден и се потсмеваат.