Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи денеска изјави дека досега се разрешени девет од вкупно 14 економски директори во клиничките болници, а за разрешување на останатите пет се очекува Владата до Собранието да ги испрати Предлог-измените на Законот за здравствена заштита.
– Економските директори во клиниките беа воведени пред 17 години. Во 2006 година, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори, што се покажа како дисфункционално, неодржливо и скапо решение. Денес е десетти ден од формирањето на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а веќе предвидената мерка која беше и изборно ветување од програмата Платформа 1198 од страна 120, почна да се реализира, а гласи: Укинување на економските односно организационите директори на клиниките, а во цел укинување на дуализмот и лоцирање на одговорноста како и пренасочување на средствата за подобрување на здравствените услуги и инфраструктура и зголемување на транспарентноста и отчетноста, истакна Мизрахи.
Оваа мерка, оцени, ќе овозможи оптимизација на здравствениот систем, зајакнување на јавното здравство и подобрување на неговата функционална организација, преку елиминирање на врзаните потписи и сивата зона на одговорност во рамки на здравствените установи.
– Истовремено ќе се намалат непотребните и ќе се рационализираат административните трошоци преку пренасочување на средствата во сериозно потребната здравствена екипираност, континуирана едукација на кадрите и набавка на нова медицинска опрема. Ова ќе придонесе кон целосно подобрување на здравствената внатрешна и надворешна инфраструктура и здравствени услуги за сите граѓани. Здравствената нега е од витално значење за сите нас во одредено време, но јавното здравство е од витално значење за граѓаните во секое време, рече Мизрахи.