Според Преспанскиот договор, треба да се разграничат продуктите од Северна Македонија и продуктите од грчкиот регион Македонија, со цел на потрошувачите да им биде јасна земјата на потекло. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во обид да го исполни предизборното ветување дека ќе најде решение и за овој проблем, на состанокот со претставниците на Грчката асоцијација на извозници (SEVE) и локалните произведувачи, во Министерството на Македонија-Тракија во Солун во средата, излегол со конкретен предлог.
Според грчките медиуми, SEVE предложиле брендот да биде “μacedonia – The Divine Great Land“, пренесува „То Вима“. Според Асоцијацијата, зборот „divine“ (божествено) е меѓународно познат и асоцира на грчките богови на Олимп и грчката митологија, а зборот „Great“ асоцира на Александар Велики (Alexander The Great), со што би се сугерирало неговото грчко потекло. Што се однесува до буквата „μ“, таа исто така реферира кон Грција и е меѓународно познат математички симбол, смета SEVE.
Мицотакис, меѓутоа, предложил, според него, попрактично решение – македонските производи да бидат брендирани со името „Macedonia“, додека грчките да бидат брендирани со „Makedonia“. До ваквата идеја грчкиот премиер дошол кога гуглајќи ги двата термина забележал дека на интернет првиот најчесто реферира кон државата Македонија, додека „Makedonia“ кон истоимениот регион во Грција. Тој предложил и зборот „Divine“ во предлогот на SEVE да се замени со „greek“, за изразот да добие значење „Makedonia – грчката велика земја“.
Од друга страна, ваквиот предлог на Мицотакис беше експресно и наголемо исмеан од Грците. Едни забележаа дека со ова Мицотакис целосно го „предава“ интернационално познатото име „Macedonia“ на северниот сосед, додека други посочија и дека кога ќе изгуглате „Makedonia“ Гугл обично ве поправа со „did you mean Macedonia?“ (освен ако сте Грк, можеби).
И Ципрас се пошегува со предлогот: „Како бе не ми текна? Само смени ги буквите и решен проблем“, искоментира тој, „обвинувајќи“ го Мицотакис што не му го соопштил ваквиот „одличен предлог“ и ceбично го чувал само за себе.
„Предлагам Турција да го вика нивниот дел од Кипар – Cyprus, а ние нашиот дел – Kypros. Дипломатија на 21. век“, коментираат во истиот контекст дел од Грците на друштвените мрежи, „Фала богу што не беше Мицотакис тој што преговараше со Зоран Заев за името“, коментираа други.
Се јави и поранешниот грчки министер за надворешни работи – Никос Коѕијас, кој истакна дека целиот „проблем“ е непотребен, бидејќи Преспанскиот јасно одредува дека на производите од нашава земја мора да стои новото име на државата – „North Macedonia“.
„Гугл пребарувањето на терминот Macedonia враќа 580 милиони резултати, а Makedonia само 12 милиони. Кирјакос Мицотакис изгледа ова го превидел“, коментираат други.