„Мицкоски заборави на членството во НАТО, на роденденот заборавено знамето на Алијансата“

Од небрежност, тенденциозно или пак поради амнезија за чинот на зачленување на Македонија во НАТО, на вчерашната прослава на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ евроатлантските интеграции на земјата останаа во втор план, забележува порталот „24 инфо“, додавајќи дека за меѓународната политика за која се залага најголемата опозициска партија, во говорот на претседателот на партијата – Христијан Мицкоски речиси и да не стана збор, иако во вторникот се случи историското прво учество на Македонија како полноправна членка, на Самитот на НАТО.

Порталот посочува дека опозиционерите успеаја дури и да го „заборават“ знамето на најголемиот воен сојуз на сцената на Античкиот театар во Охрид, од каде Мицкоски се обрати пред членството и го соопшти новиот слоган на партијата – „Македонија за сите луѓе“. Притоа, Мицкоски кај јавноста ја покрена дилемата дали во „сите луѓе“ лидерот на партијата ги смета и оние над 70 проценти од граѓаните кои на анкетите се изјаснуваат за членство во НАТО, констатира „24 инфо“, додавајќи веќе е добро познат ставот на Мицкоски, кој е категорично против имплементирање на Преспанскиот договор, иако со овој договор се реализира членувањето во најголемиот воен сојуз.

Порталот потсетува и на извршната наредба на Бајден.

„За сите оние што оние што нема да го почитуваат Договорот со Грција од страна на американскиот претседател Џо Бајден веќе пристигна предупредување дека ќе се најдат на ‘црната листа’, бидејќи работат на дестабилизација на регионот.

-Станува збор за лица кои се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во активност што го попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи го Договорот од Преспа од 2018 година, гласи дел од извршната наредба на Бајден“, се истакнува во текстот.

Порталот посочува дека во говорот на прославата, која се случи само ден откако премиерот Зоран Заев на Самитот во Брисел оствари куса средба и со американскиот претседател Џо Бајден и се сретна со голем број лидери од регионот и Европа, лидерот на опозицијата барем во некаков контекст ја спомена европската престолнина.

„Не е доволно да кажете ‘жицата македонска нема да ја скинам’, или да му се насмеете на некој бирократ таму во Брисел и да мислите дека сте ја завршиле работата. Успехот во политиката се гледа во тоа колку проблеми сте решиле“, изјави Мицкоски пред членството, без јавно да конкретизира во каква насока ВМРО-ДПМНЕ би ја водела надворешната политика на земјата, додава „24 инфо“.

- Реклама -