Пренаселеноста е „големиот слон во собата“ на секоја политичка дебата за иднината на планетата. Растечкото население на Земјата често се спомнува како најголема закана по истата. Фер ли е? Има ли вистина во тоа дека има премногу луѓе на планетата?
Земјата не расте
Просторот, а се разбира, и ресурсите потребни за одржување на човечкото население се ограничени – храна, вода и енергија. Оттаму и дека самото човештво претставува закана за својата благосостојба, нели?
Не баш. „Бројот на луѓето не е проблем, проблем е бројот на консумери, како и обемот и природата на нивната потрошувачка“, вели Дејвид Сатертвејт, научник од Меѓународниот институт за животна средина и развој во Лондон. Тој го цитира Ганди: „Светот има доволно за потребите на сите, но недоволно за алчноста на сите“.
До скоро, бројот на „современи човечки суштества“ (хомо сапиенс) на Земјата беше прилично мал. Само пред 10.000 години нé имало само неколку милиони. Границата од една милијарда ја преминавме дури во почетокот на 19-от век, а онаа од две милијарди беше недостижна сé до 20-тите години на 20-от век. Во моментов нé има 7.3 милијарди луѓе. Според прогнозите на ООН, до 2050-та може да станеме 9.7 милијарди, а до 2100 година – над 11 милијарди.
Растот на населението е без преседан и реално немаме историски пример на кој можеме да се угледаме кога ги одредуваме ориентирите за можните последици. Со други зборови, со оглед на тоа што на Земјата ќе не има над 11 милијарди до крајот на векот, сегашните сознанија не ни дозволуваат да претпоставиме дали така огромно население може да се одржи, едноставно зашто никогаш до овој момент такво нешто не се случило.
Сиромашни vs. богати
Она што можеме да го предвидиме, сепак, е тоа каде зголемувањето на населението се очекува да биде најголемо. Според Сатервејт, во следните 20 години, населението најмногу ќе се зголемува во големите градски центри, и тоа во земјите со ниски и средно-високи приходи.
Сепак, глобалниот ефект од дополнителните неколку милијарди луѓе во таквите градски центри може да е многу мал, пред сé бидејќи жителите на земјите со ниски и средни примања, гледано историски, имаат мали потреби за ресурси. Добра индикација за тоа колку големи се потребите на еден град се емисиите на јагледорен диоксид и други гринхаус гасови.
„Знаеме за градови во сиромашни земји кои имаат емисии под 1 тон CO2-еквивалент по човек, годишно“, вели Сатертвејт. „Градовите во богатите држави достигнуваат и до 30 тона CO2-еквивалент по човек, годишно“.
Граѓаните на побогатите земји оставаат многу поголеми последици врз планетата од оние во посиромашните земји. Додуша има и исклучоци: Копенхаген е престолнина на богатата држава Данска, а Порто Алегре е центар во кој е концентриран високиот слој на средната класа во Бразилија. Стандардите на живот се високи и во двата града, но емисиите по глава на жител се извонредно ниски.
Сатертвејт вели дека ако го разгледаме начинот на живот на луѓето, разликите меѓу богатите и не толку богатите групи се уште подрастични. Постојат многу урбани жители со ниски примања, чија потрошувачка е толку мала, што тие речиси не придонесуваат за емисиите на гринхаус гасови.
Светското население од 11 милијарди би можело да се покаже и како мал товар по ресурсите на планетата. Или сепак, не?
Потрошувачката
Сиромашните урбани центри може и да не продолжат по патот на нискојаглероден развој. Главниот страв е дали луѓето што живеат во овие региони нема да се одлучат да се стремат кон начинот на живот и потрошувачката кои во моментов се сметаат за нормални во богатите земји; тоа би било сосема фер. А ако тоа го сторат, ефектот од растот на градското население може да биде многу поголем.
Таквиот развој на настаните одговара на општиот модел кој се развива во последниот век, објаснува Вил Стефан, пензиониран професор од Школата за животна средина и општество на австралискиот национален универзитет. Не е растот на населението сам по себе проблемот, туку брзиот раст на глобалната потрошувачка (која, следствено, е нерамномерно распределена).
Ова води кон неповолниот заклучок: неопходно е луѓето кои живеат во побогатите држави да ја одиграат својата улога и да придонесат за да може светот да одржува многубројно човечко население.
А дури кога побогатите групи ќе прифатат нискојаглероден начин на живот и ќе дозволат нивните влади да поддржат некаков сличен, очигледно непопуларен – потег, ќе можеме да ги намалиме тензиите во областа на глобалната клима, ресурсите и загадувањето.
Едно истражување од 2015-та, во списанието Journal of Industrial Ecology, го разгледува еколошкиот ефект од перспектива на домаќинствата. Во истото, потрошувачката е цврсто поставена во центарот на вниманието. Анализата покажува дека корисничките домаќинства се одговорни за 60% од светските емисии на гринхаус гасови и за 80% од светската употреба на земјиште, материјали и вода. Повторно, побогатите држави генерираат најголем ефект по единечно домаќинство.
Кој е виновен?
Дијана Иванова, од Норвешкиот универзитет за наука и технологија во Трондхајм, автор на студијата, објаснува дека наодите потекнуваат од едноставна промена на нашата перспектива за тоа кој е одговорен за емисиите поврзани со производството на стока за широка потрошувачка. „Сите ние преферираме да ја префрлиме вината на некој друг – на владата и на бизнисот“, тврди таа. На пример, консументите на Западот преферираат да сметаат дека земјите кои произведуваат голем дел од потрошувачките стоки, како Кина, треба да сносат одговорност за емисијата што се јавува како резултат на таквото масовно производство.
Иванова и нејзините колеги, пак, тврдат дека и самите потрошувачи се во исто толку голем дел одговорни. „Ако ги смениме навиките на потрошувачка, тоа ќе има драстичен ефект во однос на отпечатокот врз животната средина“.
Според ваквиот начин на размислување, треба да има фундаментална промена во основните вредности на развиените општества: Оддалечување од материјалното богатство и стремеж кон модел во кој благосостојбата на човекот и општеството се сметаат за најважни. Но, дури и овие промени да се случат, планетата може да има потешкотии навистина да издржува население од 11 милијарди луѓе.
Стабилизација
Стефан предлага да се стабилизира глобалното население на некаде околу 9 милијарди, а потоа да започне долго, бавно намалување на населението. Тоа, сепак, значи намалување на нивото на наталитет.
Постојат индикации дека тоа веќе почнува да се случува, иако бројот на населението во целина продолжува да расте. Растот е сепак намален во споредба со тој од 60-тите години. Податоците на ОН покажуваат дека на светски план, наталитетот опаднал од просечни 4.7 бебиња – по жена во 1970-1975 година, на 2.6 во 2005-2010 година.
Сепак, ќе бидат потребни векови за да се случи опипливо намалување на бројот на луѓе на планетата, вели Кори Бредшо од универзитетот во Аделаид, Австралија. Овие трендови се толку длабоки, смета тој, што дури и драстична несреќа може да не ја промени генералната насока. Во една студија од 2014-та, Бредшо доаѓа до заклучок дека ако 2 милијарди луѓе умрат утре – или ако секоја влада усвои контроверзни политики за наталитет, како неодамна укинатата пракса на „едно дете“ во Кина – пак ќе има исто толку, ако не и повеќе луѓе на Земјата во 2100 година, колку што има во моментов.
Она што е итно потребно, во таков случај, е начин за забрзување на падот на наталитетот. Една од релативно најлесните тактики за такво нешто е зголемување на статусот на жените, особено во однос на образованието и можностите за вработување, вели Стефан. Според Фондот за население на ОН, 350 милиони жени во најсиромашните држави не го посакувале последното дете, но немале начин да ја спречат бременоста. Ако потребите на овие жени бидат задоволни, тоа би имало сериозен ефект врз глобалните трендови за раст на населението. Според овие аргументи, создавањето на одржлив број население вклучува неминовно зголемување на правата на жените и намалување на потрошувачката на ресурси.
Ако население од 11 милијарди е неодржливо, тогаш колку луѓе, во теорија, можат да живеат на Земјата?
Бредшо тврди дека е речиси невозможно да се одговори на ова прашање, бидејќи тоа целосно зависи од технологијата – фермерството, производството на електрична енергија и транспорт, како и од тоа колку како луѓе сме склони да дозволиме живот во сиромаштија или неухранетост.
Многу критичари тврдат дека веќе го имаме надминато можното одржливо население, со оглед на начинот на живот кој го водат многу од луѓето, како и неподготвеноста (а често и невозможноста) да го променат.
Во прилог на оваа теза, тие го истакнуваат проблемот со климатските промени, тековната криза со исчезнувањето на биодиверзитетот, масовното загадување на океанот, фактот дека над 1 милијарда луѓе веќе гладуваат и дека уште милијарда страдаат од недостиг на храна.
Извештајот од 2012 на ОН, резимира со 65 различни проценки за максимумот на одржливиот број на население
Најчеста прогноза е 8 милијарди, што е малку повеќе од моменталниот број на население. Прогнозите, сепак, се движат од само 1 милијарда, па до шокантни 1024 милијарди (наведени во една од студиите). Прогнозиве целосно зависат од хипотези, од кои е тешко да се издвојат тие што се најблиску до реалноста. На крајот, сепак, реалниот детерминатор е тоа како ќе избереме да го развиваме општеството.
Ако некои од нас (или сите) консумираат многу ресурси, максималниот број на можно одржливо население ќе биде помал. Ако најдеме начини секој од нас да троши помалку, (во идеален случај – без да се жртвува својот личен комфор) Земјата ќе може да поддржува повеќе луѓе.
Технологијата
Промените во технологијата, кои често се крајно непредвидливи, исто така ќе влијаат на максималното население.
Во почетокот на XX век, глобалниот проблем со населението зависеше во еднаков степен од плодноста на земјата и од плодноста на жените. Џорџ Книбс, во својата книга „Сенката на светската иднина” (1928), тврди дека ако глобалното население достигне 7.8 милијарди, територијата на Земјата ќе се користи многу поефикасно.
Само три години подоцна, Карл Бош ја освои Нобеловата награда, за неговиот удел во развојот на хемиски ѓубрива – производството кое најверојатно повеќе од сé друго помогна во одржување на драстичниот раст на населението во XX век.
Во далечна иднина, технологијата може да доведе до многу поголемо одржливо човечко население… на пример, ако луѓето успеат, конечно, да се населат и надвор од планетата Земја.
Земјата ни е единствениот дом
А сепак, иако мисијата „Кеплер“ на НАСА откри голем број слични планети на нашата, знаеме премалку за нив, а се и многу далечни. Така, населувањето на друга планета не нуди непосредна алтернатива за земските проблеми со кои се соочуваме.
Во блиска иднина, Земјата ќе ни биде единствениот дом што ќе го имаме – и треба да најдеме одржлив начин за да продолжиме да живееме на неа. Сосема е очигледно дека тоа бара намалување на потрошувачката, особено во контекст на транзиција кон нискојаглероден начин на живот и подобрување на статусот на жените во светот.
Дури откако ќе ги постигнеме овие цели, ќе можеме навистина да прогнозираме колку луѓе може да издржи нашата планета и да го дефинираме баукот наречен „пренаселеност“.