Имам чест лично да познавам многу уметници. Некои од нив (само) завршиле соодветно школо и продолжиле да се „бават“ со уметност (како да е уметноста нешто што треба да се тера по шаблон), а некои и без школо ја живеат уметноста.
Има и такви кои завршиле соодветно школо и сфатиле дека единствено нешто кое не постои во уметноста се нејзините граници. Некои од моите познаници се познати и во светски рамки. Сум забележала дека кај сите нив преовледува една значајна карактеристика: едноставноста. Човек кој секој ден е опседнат со својата „јавна моќ“, никако не е едноставен. Напротив, си замислувам дека во него се одвиваат чудни и болни процеси: дали и колку утре ќе им се допадне на луѓето, колку пари (помалку од некој друг) ќе земе за некој настап, како изгледа во јавноста, дали му се воодушевуваат итн. Такви примери има безброј. Но, за среќа, има уметници кои се толку големи, а пријатни, за кои сметам дека мала им е Земјава да им се поклони. Тие се свесни дека се на врвот на светот. Затоа и се едноставни. Не рекол Ерих Фром за џабе: „Желбата за моќ нема корен во силата, туку во слабоста“.
И, во право бил.
Мисла на денот
Андријана Јаневска