Oдамна ни ветуваат гуми без воздух, што не се пумпаат и не се дупнуваат. Конечно, Мишелин ќе направи нешто конкретно во овој правец.
Веќе следната недела, во фабриката во Пиедмонт, Јужна Каролина, компанијата ќе почне да ги произведува новите Tweels – инвентивно „2 во 1“ решение, гума и тркало, истовремено. Новите гуми ќе имаат пружини од полуцврсти полимери, кои ќе ја обезбедат истата, но и подобрена амортизација што ја нудат гумите на пумпање. Од друга страна, надворешниот слој обезбедува иста контрола (grip) како обичните гуми.
Предностите се очигледни: отсуството на воздух значи и отсуство на ризик од дупнување, а способноста за деформирање на пружините значи дека новите тркала многу „помазно“ ќе поминуваат преку нерамнините.
Сеуште е рано за општа достапност на новите гуми, но Мишелин веќе пушти во употреба ограничена тест количина, пред се за багери и трактори. Велат дека „ќе“ е идно време од „нема“, но тоа што компанијата отвори цела фабрика специјализирана за производство на Tweels се чини како цврсто ветување.